С. Македонија за прв пат ќе учествува во ТАЛИС, меѓународното истражување на ОЕЦД за настава и учење. Во рамки на истражувањето ќе се испитува како работат наставниците и директорите на училиштата во државата, со цел да се подобри квалитетот на нивната работа. Директорката на Државниот испитен центар Елизабета Наумовска, за Мета вели дека државата досега никогаш не била вклучена во ова истражување.
„Аплициравме и сега ќе се спроведе ова и кај нас. Во овој момент пилотираме, односно вклучени се 10 наставници и 10 директори, а целта е да ги видиме инструментите кои се користат при испитувањето. Имавме формирано фокус групи, има прашалници кои треба да ги одговараат наставниците. Ќе се види колку се тие подготвени како наставници, колку добиваат поддршка од институциите, како работат со учениците, како оценуваат. Ќе се проверува работата на наставниците од сите аспекти“, информира Наумовска.
Ова истражување, како што додава таа е обемно бидејќи е опфатена целата воспитно-образовна работа.
„Целта е да се види реалната состојба и врз основа на тоа да се работи на подобрување на квалитетот на работата на наставниците. Од работата и резултатите на наставниците, зависат знаењата кои учениците ги покажуваат на меѓународните истражувања“, додава директорката.
Oва меѓународно истражување за настава и учење е првото кое го пренесува гласот на наставниците и на директорите на училиштата, кои одговараат, а прашања врзани за професионалниот развој што го добиле, за нивните наставни практики, а се гледа и нивната работа, фидбекот и признанијата што ги добиваат. Исто така се истражуваат и различни други прашања поврзани со раководството, управувањето и работното место во училиштето. TAЛИС е периодично истражување, односно беше спроведено во 2008, па во 2013, 2018 и следен пат ќе се спроведе во 2024 година. Во 2018 година, главното истражување беше спроведено во 31 земја на ОЕЦД.
Од националните списоци на училишта кои ги исполнуваат условите, TAЛИС по случаен избор зема примероци од 200 училишта по земја, а потоа избира еден раководител на училиште и по случаен избор зема примероци од 20 наставници во секое училиште од примерокот. ОЕЦД препорачува учеството во ова истражување да е доброволно и секој поединец може да се повлече од истражувањето во секое време.