Заради новонастанатата состојба со корона вирусот во италијанските области Ломбардија, Венето и Емилија-Ромања, утрово министерот за здравство Венко Филипче одржа состанок со Комисијата за заразни болести, на која се констатираше дека се подигнува на повисоко ниво степенот на подготвеност за превензија од и справување со евентуални заболени од корона вирусот.

Новите мерки ќе бидат дополнително координирани на денешниот состанок со Центарот за управување со кризи, кој е закажан за 17 часот во Министерството за внатрешни работи.

Зголеменото ниво на подготвеност подразбира засилување на контролата на сите гранични премини и на двата аеродроми во земјава.

„На граничните премини се отстапуваат посебни простории каде ќе бидат интервјуирани сите патници кои доаѓаат од ризичните дестинации и ќе се врши првичен скрининг на нивната здравствена состојба“, се наведува во соопштението на Министерството за здравство.

Tермалната камера на скопскиот аеродром се поставува на локација од која ќе се следат сите патници кои пристигнуваат, а не како досега само патниците од Дубаи и Истанбул. Со безконтактен пиштол за мерење на телесната температура ќе се прави скрининг на патниците кои ќе пристигнат од ризични дестинации и на аеродромот во Охрид.

Доколку се јави потреба, информираат од Министерството за здравство, Инфективната клиника во Штип ќе функционира како објект за изолација на пациенти. Тестирањата на сомнителни случаи ќе се вршат на Инфективните клиники во Скопје и во Куманово, а Министерството за здравство информира дека во земјава има доволно реагенси за тестирање на корона вирусот.

Министерството за здравство апелира до граѓаните во целост да ги почитуваат превентивните мерки за заштита:

• Да се воведе дополнителна заштита на храната – да не се консумира храна направена од болни животни;
• Да се воведе дополнителна заштита при подготовка на храната – да се користат различни садови и ножеви за подготовка и сечкање на сирова и да се мијат задолжително рацете после секоја подготовка на храна. При подготовка на месо и јајца истите убаво термички да се обработат;
• Да се воведе посебна заштита при работа на отворени пазари – задолжително носење заштитни опрема, ракавици, маски и мантили додека се извршуваат работи со животни или производи од животинско потекло, по употребата целата опрема да се извади и да се пере секојдневно. Да се внимава да се заштити семејството од неиспрана работна опрема;
• Да се штити населението од настинки – да се избегнува незаштитен контакт со болни (вклучувајќи и допир на уста, нос и очи), како и незаштитен контакт со домашни или диви животни.
• Задолжително и често миење на раце – и кога не се видливо нечисти да се мијат рацете со сапун и вода или да се користи чистач за раце кој содржи алкохол;
• Заштита на останатите од заболување – при кашлање или кивање да се заштити устата и носот со марамче или со дланката. По употреба марамчињата да се фрлаат во затворени канти. При кашлање или кивање, како и при грижа за болни задолжително да се мијат рацете.