Фото: Арбнора Мемети

Од граѓанската иницијатива „На Точак“ сметаат дека 2021 година треба да биде ударна година за велосипедскиот сообраќај во Скопје, во која ќе се вложи во велосипедските патеки и ленти, односно во развој на велосипедската мрежа, а ќе се работи и на унапредување на безбедноста во сообраќајот за велосипедистите и на целосно ослободување на кејот на реката Вардар.

Кон крајот на септември годинава, „На Точак“ достави девет конкретни предлози до Градоначалникот и Советот на град Скопје за Буџетот за 2021 година. Тие досега немаат добиено повратна реакција од градските власти, но се надеваат дека доставените предлози сепак се разгледуваат во позадина и ќе бидат прифатени од градската власт. Од „На Точак“ велат дека засега немаат информации за тоа колкави средства и во кои проекти за развој на велосипедската инфраструктура и превоз ќе се изнајдат средства во градскиот буџет.

„До есента 2019 имавме редовно средби со Координативното тело за велосипедски сообраќај, каде бевме тековно информирани за сите активности и дававме предлози во текот на изработката на проектите. А оттогаш немаме добиено покана, иако редовно, во секој допис, предлог, забелешка, пријава на инфраструктурен проблем кои ги праќаме, ја изразуваме нашата отвореност за соработка. Некогаш добиваме одговор, некогаш и воопшто не добиваме повратен одговор на нашите дописи“, велат за „Мета.мк“ од „На Точак“.

Од граѓанската иницијатива сметаат дека во 2021 година треба да се работи најпрво на развој на велосипедската мрежа, така што во Скопје ќе се отпочне да се гради секундарната мрежа или да се изведат велосипедски патеки и ленти на помалите улици, кои би ја оформиле неопходната инфраструктура во секое маало.

„Според прирачниците од ЕУ, секој граѓанин треба да има велосипедска патека или лента на максимум 200 метри од дома, за да може да се ослони на велосипедската мрежа“, посочуваат од „На Точак“.

Тие стојат на своето барање дека догодина треба 15 отсто од буџетот за патната инфраструктура на Град Скопје да се издвои за велосипедски патеки, а дополнителни 15 отсто за пешачката инфраструктура. Покрај развојот на секундарната мрежа за што ќе треба да се поработи и со општините, во 2021 година треба да се довршат трасите од велосипедските патеки од проектот „Скопје велоград“, но и сето она што беше најавено како нови планирани патеки од постојната градска администрација. Како еден пример за недовршена велосипедска патека, од „На Точак“ ја посочуваат онаа на булеварот „8 Септември“, која што не е пробиена до булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“.

Во 2021 година, Советот на град Скопје треба да донесе одлука за прогласување на сите небулеварски улици во главниот град за „Зона 30“, особено на оние места каде велосипедскиот сообраќај не е издвоен и се меша со автомобилите. На оние улици каде нема ниту пешачки патеки, ограничувањето на брзината на возилата треба да е на 20 километри на час, сметаат од „На Точак“.

„Ова е најосновната одлука во поглед на безбедноста која треба да се донесе итно во 2021, на која треба да се надоврзат сите следни проекти за улици кои ќе треба да се дизајнираат за таа брзина (подигнати пешачки премини, микро-кружни текови, шикани, стеснети коловозни ленти). 2021 е година на Зона 30 за европските градови, Обединети нации, СЗО, Европската комисија дадоа поддршка на овој концепт и очекуваме и Скопје да фати чекор“, велат од граѓанската иницијатива.

Во поглед на безбедноста на велосипедистите како учесници во сообраќајот, како уште еден приоритет тие го потенцираат изработувањето на документот Визија Нула за Скопје, кој би дал попрецизен преглед како да стигнеме до нула жртви од сообраќајот во градот. Тука е и потребата за воведување на Комуналната полиција во Скопје наредната година.

Конечно, од Градот Скопје се очекува во 2021 година да се посвети на ослободување и унапредување на кејот на Вардар како простор за движење на велосипедистите. Ова би значело решавање на проблемот со непристапноста и неуреденоста на кејот во Малиот Ринг, потоа, изведба на заобиколување за новиот мост на булеварот „АСНОМ“ во Аеродром како привремено решение и изградба на нови рампи за поврзување на патеката на кејот на Вардар со мостовите и со другите точки каде во моментов е изградена велосипедската мрежа.

Во однос на проширувањето на велосипедската патека по кејот на Вардар, треба да се изработи проект за нејзино проширување и пробивање целосно кон Сарај на запад, како и во правец на Скопско поле на исток, сметаат од иницијативата „На Точак“.