За поминување на црвено 250 евра, повеќето глоби за 50 евра помали

-

Предлог-законот за безбедност во патиштата, кој предвидува намалување на глобите за сообраќајните прекршоци го помина првото читање во Собрание и се очекува да биде донесен пред прогласување на парламентарните избори, пишува „Порталб.мк“.

Граѓаните сè уште плаќаат казни според старата тарифа за сторените прекршоци во сообраќајот, иако законот е во Собрание и се чека да биде донесен.

Новите законски измени предвидуваат намалување на глобите за неколку прекршоци во сообраќајот.

Глобите за неколку прекршоци се намалени за 50 евра, односно ако сега се 300 евра, ќе се намалат на 250, а тие што се 250 евра, ќе се намалат на 200 евра.

Казната за поминување на црвено светло е 300 евра, а со новиот закон глобата ќе биде намалена на 250 евра.

За движење во спротивна лента, казната од 250 евра ќе се намали на 200 евра, а за возење во спротивен правец во едносмерна улица, казната од 300 евра ќе се намали на 250 евра.

За престигнување на возило на мост, во тунел или свиок каде што нема видливост: Казната била 300 евра, а ќе биде 250. Престигнување возило преку бели полни линии: Казната била 300 евра, а ќе биде 250.

Доколку не се дава предност на пешаци на пешачки премин, казната била 300 евра, а ќе биде 250 евра.

Доколку не се почитуваат знаците кои ги дава полицијата (со раце, глас или светло): Казната била 300 евра, а ќе се намали на 250. Доколку во кола се постави анти-радар, или опрема која го попречува мерењето на брзината на возилото од страна на властите: Казната била 300 евра, а ќе биде 250 евра.

Новиот закон предвидува и укинување на негативните поени. Возачите повеќе нема да може казните да ги менуваат со негативни поени, туку ќе мора да платат. Исто така, возачките книшки во кои се впишуваа поените, се исфрлаат од употреба.

Полицијата ќе има право да ги одземе возилата што не се регистрирани повеќе од шест месеци или повеќе,  како и возилата кои создаваат голема бучава и го загрозуваат јавниот ред и мир – за период од шест месеци или подолго.

На граѓаните кои користат електрични тротинети, нема да им биде дозволено да се движат по улици и булевари, туку само по велосипедските патеки. На места каде нема велосипедски патеки, дозволено е возење на тротоарите. Максималната дозволена брзина на движење по велосипедските патеки е 25 километри на час, а на тротоар само 6 километри на час. За поголема безбедност, граѓаните кои возат тротинет во мрак мора да носат зелени флуоресцентни елеци, за да бидат видливи и за пешаците и учесниците во сообраќајот. Со промените во законот, исто така се одредува и возраста за управување со тротинет, односно на лица под 14 годишна возраст не им е дозволено да управуваат со електрични тротинети. Глобата за немање елек е 50 евра, 80 евра за управување по улица, а доколку возите со преголема брзина од дозволеното глобата е 120 евра.

Возачката дозвола ќе важи до 75-годишна возраст.

Промена на казните нема да има за возачите што управуваат со возило во алкохолизирана состојба или под дејство на дроги, за тие кои возат над дозволената брзина, но и за тие што не даваат предност на поминување, бидејќи овие три работи се најчестата причина за сообраќајни несреќи. Во случај, возачот да повтори еден од овие 3 прекршоци во следните 5 години, ќе му биде одземена возачката дозвола.

Исто така и помалите глоби, кои обично се од 40-50 евра нема да бидат намалени.

Лице кое управува со возило во дрогирана состојба ќе биде казнето со 400 евра и ќе му биде одземена возачката дозвола во период од 6 до 12 месеци. На возач кој ќе управува со возило во алкохолизирана состојба, ќе му биде изречена казна од 400 евра и ќе му биде одземена дозволата за период од 3 до 12 месеци.

Доколку возите во населено место со брзина од 10 до 30 километри на час поголема од максимално дозволената, ќе добиете глоба од 45 евра.

Ако по автопат, или патишта надвор од населени места каде што е брзината е ограничена на 90/110 или 130 километри на час, возите со брзина над 70 километри на час повеќе од дозволеното, ќе бидете казнети со глоба од 400 евра и возачката дозвола ќе ви биде одземена за период од 6 до 12 месеци.

Глоба од 300 евра и одземаање на возачката дозвола за период од 6 до 12 месеци се предвидени за тие што возат повеќе од 50 километри на час над дозволената брзина, и само 45 евра е глобата за оние кои возат со брзина над 30 километри на час од дозволената брзина.

Доколку не му дадете предност за минување на возило, односно на возило од вашата десна страна, казната останува исто – 300 евра.

Глобите остануваат исти и за тие кои не носат сигурносен појас, односно 40 евра за возачот, а за сопатникот 50 евра.

Глоба од 50 евра е предвидена за пешак кој ќе помине на црвено.

Станарите од опожарената зграда во Чаир не знаат кога ќе се вратат дома, бараат одговори од надлежните

Пожарот кој вчера ја зафати зградата на ул. „Прохор Пчински“ утрово беше изгаснат, но станарите сè уште немаат одговори во однос на тоа што го предизвикало пожарот, колкава е...