За помалку електричен отпад, ЕУ ќе бара еден универзален полнач за сите паметни телефони

фото: denvit на Pixabay

Законодавците во Европската Унија постигнаа договор што ќе ги „принуди“ производителите на паметни телефони, сите идни уреди продадени во ЕУ да бидат опремени со универзален жичен полнач од типот USB-C, јавуваат светските новински агенции.

Правилото ќе важи и за другите електронски уреди вклучувајќи таблети, дигитални камери, слушалки, рачни конзоли за видео-игри, звучници и електронски читачи.

Договорот треба да почне да се применува од есента 2024 година за сите паметни телефони што ќе бидат продадени во ЕУ, додека лаптопите со ова правило ќе се усогласат подоцна, односно ќе имаат 40 месеци да се прилагодат по стапувањето на законот во сила.

Овој закон на ЕУ се развиваше и подготвуваше речиси една деценија. Истиот вклучува и одредби кои се однесуваат на безжичните полначи за во иднина, како и одредби за усогласување на стандардите за брзо полнење.

Останува законот да биде одобрен од Парламентот и Советот на ЕУ подоцна годинава.

Воведувањетео на универзален полнач е обид на ЕУ да го намали елекронскиот отпад и да им го олесни животот на потрошувачите. Законодавците се надеваат дека во иднина телефоните и сличните уреди нема да се продаваат со полнач во кутијата, бидејќи купувачите веќе би ги имале соодветните додатоци дома. ЕУ проценува дека овој закон на потрошувачите може да им заштеди 250 милиони евра годишно за непотребно купување полнач и да намали околу 11.000 тони е-отпад годишно.

Законот ќе важи за сите производители на паметни телефони и електронски уреди.

„Гардијан“ пишува дека договорот ќе има најголемо влијание врз „Епл“ (Apple), кој е единствениот голем производител на паметни телефони што сè уште користи сопствен приклучок наместо USB-C.

„Епл“, сепак, веќе го користи стандардниот USB-C кабел за дел од свотие лаптопи и таблети.

Критичарите на новата легислатива велат дека истата ќе ги задуши иновациите со тоа што ќе ги дестимулира производителите да развиваат подобрени стандарди за полнење, пишува „Д Врџ“. ЕУ негира дека тоа ќе биде случај и вели дека ќе го ажурира законодавството со развојот на новата етехнологија.