Силно политичко влијание во јавниот сектор, неказнивост на коруптивното однесување, дупки во законите, склоноста кон корупција на вработените во јавниот сектор, односно „проблеми со интегритетот на човечкиот фактор“ и слаб надзор и контрола се главните причини за корупција при вработувањата во јавниот сектор, утврдила анализата на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), подготвена за потребите на идната стратегија за спречување корупција и судир на интереси.

За „адресирање“ на овие ризици, според проценката на државните антикорупционери, потребни се казнување на корупцијата, подобри закони, посилен надзор и контрола, но пресудна е политичката воља.

„Вработувањата во јавниот сектор се релевантни за јавниот сектор и граѓаните. Исто така, тие се важни на ниво на централна и локална власт, а се вршат во сите наведени ресори. Последователно, влијанието на оваа хоризонтална област (процес) во општеството е многу високо.“, наведува ДКСК во анализата.

Во својата проценка на ризиците од корупција во пет општествени процеси, меѓу кои и вработувањата во јавната администрација, ДКСК утврдила 33 критични точки, или главни ризици за корупција. Нив ги групира во групи ризици кои се јавуваат поради правната рамка, поради човечкиот фактор и процесот на вработување и поради надворешни влијанија при вработувањата во јавниот сектор, во кои се вклучени и процесите на именување членови на управни и надзорни одбори во јавниот сектор.

На крајот на проценката, „со опсежна анализа на критичните точки на корупција кои беа идентификувани при секоја пооделна проценка на ризиците од корупција“, ДКСК издвојува пет заеднички именители, или главни причини за корупција, кои важат и за државните вработувања: „Силно политичко влијание во јавниот сектор“, „Проблеми во владеењето на правото што резултираат во ниска стапка на санкционирање на коруптивното однесување на ниво на општество“, „ Недоречености во правната регулатива кои оставаат простор за злоупотреби и поттикнување на коруптивно однесување“, „Проблеми со интегритетот на човечкиот фактор на ниво на општество“, и „ Транспарентност, систем за надзор и контролни механизми во јавниот сектор“.

Но, антикорупционерите одат и чекор натаму и предлагаат мерки со кои „ризикот би можел да се адресира“.

Клучните „лекови“, според ДКСК, за првите две причини се – „ Постоење на политичка волја од страна на сите политички партии“. Дупките во законите треба да се „затнат“ со детална проценка на можноста за корупција во законите и носење подобри закони. Склоноста кон корупција во јавниот сектор, според ДКСК, може да се промени со јакнење на општата свест, кампањи и обуки на вработените во јавниот сектор, но клучни се поголем број пресуди за корупција, за реална промена на перцепцијата дека коруптивното однесување е казниво.

За подобар надзор и контрола, ДКСК бара посветеност на сите институции за подобрување на овие процеси во нивниот делокруг на работа.