Централната и локалната власт треба да ја зацврстат и зголемат соработката за поголема помош и поддршка на социјално ранливите групи граѓани, а особено на оние кои се во неформалниот сектор и најмногу ги чувствуваат последиците од ковид пандемијата и кај кои е најголема опасноста од екстремна сиромаштија и заболување поради немање постојани приходи. Станува збор за околу 128 илјади лица вклучени во неформалните вработувања, од кои најголем дел се во земјоделството, градежништвото, трговијата и услужните дејности и за кои се неопходни дополнителни мерки и поголема директна финансиска помош во ризичната состојба поради ковид-19.

Ова беше посочено на денешната тркалезна маса: „Анализа за ефектот од ковид-19 врз работниците кои се дел од неформалната економија и привремено вработените  работници, преку предлог мерки за нивна поддршка“ што ја организира Аналитика тинк-тенк, со поддршка на Фондација Отворено општество Македонија.

Според министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, справувањето со неформалната економија е значајно за сите чинители во државата, посебно во услови на ковид пандемијата и токму затоа Владата ги донесе петте пакети на економски мерки, пред сѐ за зачувување на работните места, а за лицата без работа воведе платежни картички, еднократна парична помош, енергетски ваучери, зголемена социјална помош која се исплаќа редовно и слично. Токму поради дел од овие мерки, голем број лица се пријавија за прв пат во заводите за вработување со што бројката на невработени од 27.000 се искачи на 33.500 минатата година, но се доби и пореална слика за лицата вклучени во сивата економија.

„Не е лесно да се донесат конкретни мерки за неформално вработените лица затоа што тие не секогаш се видливи во системот. Нема точни бројки колку лица се вклучени во неформалната економија и затоа и финансиските пакети за поддршка не можеа да допрат до многу од нив. Затоа е неопходно да зајакне соработката меѓу МТСП, АВРМ, УЈП и невладините организации за нивно идентификување и насочување на мерките кон нив. Особено е значајно учеството на општините, кои најдобро ги познаваат состојбите со оваа група граѓани на локано ниво“, рече Шахпаска, која дода де дека во минатата година 18.500 лица останале без работа како последица на ковид кризата, како и дека во 2019 година во неформална економија биле вклучени 128.026 лица од кои најголем дел биле од руралните средини.

Градоначалникот на општина Илинден, Жика Стојановски се согласи со ставот дека е потребна поголема координација со централната власт и заедничко носење на мерки за помош на сиромашните и лицата во неформалната економија. „Општините имаат ограничени средства за финансиска помош и неопходна е интеграција со програмите и мерките на централната власт“, рече Стојановски.

Според анкетите на Аналитика тинк тенк, направени во 11 општини од пелагонискиот регион, во неформалниот сектор работеле 23 отсто од лицата меѓу 35 и 44 години, 52 отсто работеле во земјоделството, а 16 отсто во градежништвото. Во прилепските општини 48 од испитаниците рекле дека се вклучени во неформалниот сектор, 98 отсто дека немаат социјална помош, 62 отсто дека им се намалиле приходите во пандемијата, а 46 отсто дека им се зголемиле трошоците, додека 67 отсто  рекле дека не се пријавени во Агенцијата за вработување.

Карактеристично е што 78 отсто од нив одговориле дека не знаат за владините мерки за помош, а најмногу би сакале парична помош и заштитни средства од ковид-19. Токму затоа, според Бојана Мијовиќ Христовска од Аналитика тинк тенк, добро би било да се постават информативни пунктови за секој вид на помош на лицата во неформалниот сектор, исто како и издавање на бесплатни здравствени картички со што тие ќе добијат заштита од вирусот, но и државата ќе ги таргетира овие лица за идни различни социјални мерки.