Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу бргу ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.

Босанскиот сервис за борба против дезинформациите и за проверка на фактите, „raskrinkavanje.ba“, препозна лажна вест во една статија на дневниот весник „Дневни Аваз“.

Во текстот за политичките препукувања за тоа кој треба да биде претседател на Собранието на кантонот Сараево, објавена е и фотографија на Данијела Кристиќ, за која „Дневни Аваз“ тврди дека претседателот на нејзината партија „Народ и правда“ незаконски ја именувал за претседавач на Собранието, како седи на маса во кафеана, со пластичен печат пред неа. Весникот тврди дека тоа е печатот на Собранието, кого партијата го криела од новото мнозинство во Собранието, кое именувало нов претседавач, а Кристиќ наместо да го предаде, го користи во кафеаната.

Но, „raskrinkavanje.ba“ во своето истражување дошол до сознание дека тоа не е печатот за кој се зборува, туку печат на фирмата на сопругот на Данијела Кристиќ. Имено, контактирале со Собранието на Кантонот Сараево, од каде рекле дека тоа не е официјалниот печат, оти тој е дрвен, а печатот на фотографијата е пластичен. А самата Кристиќ за „raskrinkavanje.ba“ рекла дека станувало збор за печат од фирмата на нејзиниот сопруг.

Дополнително, покрај прогласувањето на статијата за лажна вест, „raskrinkavanje.ba“ потсетува и на направениот новинарски престап од „Дневни Аваз“, кој во спорната статија не ги изнел ставовите и на другата, обвинетата страна.