За учество во реализацијата на најавените мерки од програмата наречена План за чист воздух досега се пријавиле 19 општини од земјава, информираат од Владата.

Осум месеци откако беше објавена како еден од стратешките приоритети на македонската Влада, Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година за спроведување на мерки за намалување на аерозагадувањето и намалување на високите концентрации на ПМ10-честички и ПМ2,5-честички треба да се реализира со замена на опрема/нееколошки системи за греење во градинки, основни и средни училишта, здравствени објекти и административни објекти.

Според информациите подготвени од Владата, на објавените повици аплицирале општините во државава кои имаат потреба од зголемување на енергетска ефикасност на општествени објекти, установи, училишта, болници во вид на реконструкција на покриви, изолација за надворешни и внатрешни ѕидови, како и замена на надворешни и внатрешни прозорци и врати, како и потреба од подигнување на зелени урбани површини како на пример уредување на тревна површина, плодородни и хортикултурни дрвја, или зелени ѕидови во градинките, основните и средни училишта.

За реализација на програмата предвидени се 64.000.000 денари, при што, средствата по општините се распределени од 6.860.000 денари максимална до 312.000 минимална, по општина. Критериумите, за избор на општини кои ќе ги добијат средствата се поделени на оние во кои има мониторинг на аерозагадувањето и оние каде нема мерни станици.

За Скопје и градовите каде се мери аерозагадувањето, во критериуми спаѓаат: бројот на денови со надминување на концентрациите на ПМ10 и ПМ2,5-честички над среднодневни гранични вредности за 2018 година, висина на просечна годишна концентрација на ПМ10 и ПМ2,5-честички, број на жители изложени на аерозагадување односно број на лица кои ги користат услугите на институциите како и детално разработен преглед на градинки, основни и средни училишта, здравствени објекти и административни објекти за технологијата на греење. За општините, пак, каде не се мери аерозагадувањето, главен критериум за аплицирање е бројот на жители изложени на аерозагадување односно број на лица кои ги користат услугите на институциите.

Според информациите добиени од Владата, во овој момент се врши контрола на избраните објекти, контрола со претставници на општините и вработени во Генералниот секретаријат на Владата, кој ќе ги организира и повиците за набавка на опремата, врз основа на утврдената потреба од уреди за селектираните јавните објекти.

Од Влада најавуваат и дека до крајот на неделата ќе се објават повиците за енергетска ефикасност и за уредување на зелени урбани површини, а до крајот на август повик за инсталирање на филтри во малите и средни претпријатија, особено во оние од дрвна дејност.

„Крајно несериозно и срамно“, коментираат од „О2 Иницијативата“ за начинот на кој Владата го спроведува својот стратешки приоритет.

За два месеца грејната сезона ќе биде во тек, и откако се поминати речиси девет месеци по објавувањето на Планот за чист воздух допрва ќе се одредува кои објекти, кои градови ќе добијат замена на начинот на греење, допрва ќе се објават повици за енергетска ефикасност, зелени урбани површини и инсталирање на филтри на малите и средни претпријатија“, вели Татјана Чакулев од „О2“.