фото: Општина Центар
Извор: Општина Центар

Во рамките на проектот „И отпадот има вредност!“, кој се спроведува 5 месеци, досега се рециклирани 100.000 ПЕТ пластични шишиња и лименки, преку повратните вендинг машини на ЈП ПОЦ и Општина Центар, кои одат на натамошна обработка, а жителите за тоа добиваат субвенции на нивната Green Pay картичка, соопштија од оваа општина.

„Интересот на граѓаните за користење на повратните вендинг машини за рециклирање на пластични шишиња и лименки е голем. Бројката од 100.000 рециклирани амбалажи е сигнал дека жителите ја прифатија идејата, што ни дава мотив да продолжиме да инвестираме во овој проект““, изјави Васко Кичевски, директор на ЈП Паркинзи на Општина Центар.

Досега има 8 машини за рециклирање поставени пред бараките на Општината Центар, кај слаткарница Апче, кај монтажната гаража „Буњаковец“, во затвореното паркиралиште „Дом на градежници“, во затвореното паркиралиште „Зелен пазар“, во ГТЦ, кај затвореното паркиралиште „Дилајла“ и на аголот спроти Министерство за економија во Капиштец. До крајот на годината ќе бидат поставени вкупно 27 машини.

Општина Центар е првата општина во регионот која одлучи на овој начин да ја развие еколошката свест на граѓаните и да им овозможи да учествуваат во правилно справување со отпадот, со цел да придонесат во намалувањето на отпадот кој завршува во депониите.