Забавните манифестации што општините ги организираат по разни поводи, како одбележување на празници или нешто што е специфично за таа општина (храна, пијалак, традиција и сл.) ги чинат граѓаните повеќе од 1 милион евра, секоја година. Притоа, ова се пари што општините ги плаќаат од своите буџети и во сумата не влегуваат парите што за оваа намена се платени преку донации, најчесто од фирми и поединци.
Најмногу пари за оваа намена трошат општините Кавадарци и Струмица, како и Градот Скопје, покажува истражување на Центарот за граѓански комуникации.
Во 2023 година, најмногу пари потрошила Струмица, речиси 190 илјади евра, па Кавадарци со 156 илјади, а главниот град потрошил нешто повеќе од 110 илјади евра.
Штип е четврти со скоро 86 илјади евра. Велес и Кисела Вода потрошиле по околу 48 илјади евра, а Куманово 45 илјади. По 30 илјади евра потрошиле Берово и Битола.
Состојбата е слична и во 2024 година, за која недостигаат сите податоци.
Кога станува збор за поединечните манифестации или изведувачи, не сите општини кажуваат колку пари, поединечно, ги чини некоја манифестација, или изведувач. Некои општини ги кажуваат трошоците за сите манифестации заедно, или пак, за сите изведувачи заедно затоа што „најмуваат“ фирма на којашто ѝ ги префрлаат сита пари, а таа потоа ги организира манифестациите и ги плаќа изведувачите.
Според познатите податоци за исплатените износи на поединечните изведувачи, најмногу пари се плаќаат на пејачи и пејачки од поранешните југословенски простори. Така, најскапо платена индивидуална изведувачка е Северина Вучковиќ, за која Општината Крива Паланка потрошила повеќе од 25 илјади евра од својот буџет.
Следна на листата – најплатени индивидуални изведувачи – е Јелена Розга, која од беровската општина добила 22 илјади, а од пробиштипската 20 илјади евра. Или заедно за двата настапа заработила повеќе од 42 илјади евра.
Следи Хари Мата Хари кој од Неготино добил 19,5 илјади евра, а веднаш зад него е пејачот Саша Матиќ кому Велес му исплатил 17 илјади евра.
По 13 илјади добиле домашната пејачка Бојана Скендеровски, од Општина Неготино.
Групата С.А.Р.С. исто така добиле 13 илјади но од Опшина Велес.
Минатата година, пак, најскапо платен бил Саша Ковачевиќ, кој од Општина Штип добил повеќе од 25 илјади евра, а на второ место е Даниела Мартиновиќ која од истата општина добила 14 илјади евра.
Кога станува збор за домашните изведувачи, најплатена годинава била Бојана Скендеровски, која од Општина Неготино, за учество на манифестацијата Неготинска вечер кога добила 13.008 евра. Втора на листата „најплатени домашни изведувачи“ во 2024 година е Каролина Гочева која од Општина Крива Паланка за учество на манифестацијата Крива паланка – Град на културата добила 11.110 евра.