Фото: Архива на Мета

Обезбедени се средства во износ од шест милиони денари (97.000 евра) за активностите за отстранување на нелегалните објекти што се лоцирани на крајбрежјето на Охридското Езеро и кои ја нарушуваат природната и културна автентичност на регионот, соопштија од Владата.

„Владата ги поддржува активностите за отстранување на бесправните градби на охридското крајбрежје кои ги изведува Општина Охрид, со што ги потврдува заложбите за исполнување на препораките на УНЕСКО и за имплементацијата на „Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион“, се вели во владиното соопштение.

Сè додава дека, активностите за отстранување ќе ги опфатат физичките или правните лица кои имаат добиено решение за отстранување на бесправно изграден објект и кои не постапиле во согласност со решенијата од градежните инспектори при инспекторатот на Општина Охрид.

Сè потсетува дека, со цел да се намалат штетите, да се избегнат дополнителни трошоци и да се забрза процесот на отстранување, Општина Охрид упати и апел до сопствениците на бесправни градби, да постапат по решенијата за отстранување и сами да ги отстранат објектите.

„Во координација со Општина Охрид, Владата ќе продолжи да се залага за конечно воведување ред на охридското крајбрежје, кое долги години наназад беше узурпирано. Ја поддржуваме општината да продолжи со активностите за отстранување на бесправните градби, сѐ додека не бидат отстранети сите објекти кои ја загрозуваат животната средина и го деградираат уникатното заштитено подрачје на регионот“, стои во владиното соопштение.