Еуростандард банка | Фото: Арбнора Мемети

Фондот за осигурување на депозити денеска информира дека по двонеделен период од почетокот на исплатата на обесштетувањето на депонентите на Еуростандард банка АД Скопје, во стечај, кои се со право на обесштетување, исплатата се одвива навремено и без поголеми пречки во однос кон депонентите.

„До денес се исплатени вкупно 3 милијарди денари, (47,8 милиони евра) што претставува близу 72 отсто од вкупно дозначените средства од Фондот кон четирите деловни банки преку кои се врши исплата на обесштетување. Ова укажува дека исплатата на обесштетувањето се врши со релативно брза динамика и близу три четвртини од средствата на депонентите на Еуростандард банка, со право на обесштетување, се обесштетени“, соопштија од Фондот.

Додаваат дека и обесштетувањето на наследниците, исто така се одвива непречено и за тие кои ја доставиле целокупната документација по електронски пат, Фондот изготвува потврди за обесштетување и врши директна исплата од сметка на Фондот.

Народната банка на Северна Македонија на 26 август годинава донесе одлука за одземање на дозволата на Еуростандард банка, според Законот за банки, и отвори стечајна постапка. Објаснувањето беше дека Еуростандард банка не ги исполнила минималните услови за работа, но дека сите депозити, на 99,4 отсто од депонентите, ќе им бидат исплатени во законските рокови, според условите на Фондот за осигурување на депозитите.

Според тогашната изјава на гувернерката Анита Бежоска Ангеловска, учеството на банкарската актива на Еуростандард банката, во вкупната банкарска актива на земјава, изнесуваше од 1,3 до 1,7 отсто од вкупните депозити и кредити и поради тоа, не се доведе во прашање стабилноста на банкарскиот систем на земјава. Сите физички и правни лица кои имаа побарувања од банката, што не се по основ на депозит, требаа да се пријават за исплата од стечајната маса, до 7-ми септември.

Според критериуми од Фондот за осигурување на депозити за избор на банка – исплатувач, преку кои се врши исплатата на обесштетувањето на осигурените депозити од Еуростандард банката, беа избрани Стопанска банка, НЛБ Банка, Халк банка и Комерцијална банка.