Фото: Мета.мк

По вчерашната одлука на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија (РКЕВУ), со која цените на горивата беа покачени за околу 9 денари по литар, поради укинувањето на владините мерки за намалување на акцизите и ДДВ за горивата, на денешната седница РКЕВУ повторно ги покачи цените на горивата.

По денешното поскапување, од полноќ цените на горивата ќе изнесуваат:
– Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 = 107 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 = 109 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) = 97,5 (денари/литар)
– Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) = 95,5 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС = 54,640 (денари/килограм

Денешната одлука за поскапување на горивата, кое изнесува меѓу 2,5 и 3 денари по литар, се образложува со поскапување на нафтените деривати во однос на претходната одлука.

„Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 4,584% или за 57,850 $/тон, кај дизелот зголемување во просек за 4,856% или за 54,350 $/тон, кај екстра лесното масло зголемување во просек за 4,514% или за 49,050 $/тон и кај мазутот зголемување во просек за околу 1,099% или за 7,250 $/тон, поради што во структурата на цените на нафтените деривати е извршено соодветно прилагодување“, велат од РКЕВУ.