fbpx

За (не)можното напуштање на консензусот во надворешната политика на ЕУ

Анализа за „Порталб.мк“ од Малинка Ристевска, Јорданова, Институт за европска политика

-

Заедничката надворешна и безбедносна политика е политиката во која државите членки на ЕУ имаат најголемо влијание. Консензусот е основното правило на донесување на одлуките, а квалификуваното мнозинство – исклучок. Скоро за сите одлуки поврзани со надворешната политика на ЕУ се бара консензус на сите држави членки. Дури и правото на иницијатива на Комисијата е ограничено во овој случај – Комисијата може да предлага само заедно со Високиот претставник за надворешна политика, кој може да предлага и сам, а ова право секако им припаѓа на државите членки. Европскиот парламент има ограничена улога – главно преку неговите надлежности на контрола врз Буџетот.

Автор: Малинка Ристевска Јорданова

Исклучоците од едногласноста во заедничката надворешна политика се ретки – со квалификувано мнозинство се решава само за одлуки за спроведување на акции или ставови што веќе се донесени со консензус и назначувањето на специјални претставници. Секако, основачките договори на ЕУ не би биле толку компликувани како што се, доколку не даваат други можности – како што е на пример одредбата Европскиот совет (шефовите на држави и влади на државите членки) да донесе едногласна одлука што се однесува на стратегиските интереси и цели на Унијата, а потоа Советот да усвои одлуки за нејзина примена со квалификувано мнозинство. За жал, оваа одредба не наоѓа практична примена. Има и одредба која овозможува т.н. „конструктивно воздржување“ – држава членка да апстинира од глас, да не ја применува одлуката, но да не блокира (досега применета само еднаш). Од друга страна, има дополнителни одредби коишто им овозможуваат на државите членки да блокираат донесување одлука со квалификувано мнозинство, доколку приговараат на неа поради „витални и утврдени причини на националната политика“.

Лисабонскиот договор воведе една нова одредба во областа на надворешната политика од типот одредби кој вообичаено се опишуваат со симпатичниот француски збор „passerelle”, што би значело одредба за премостување. Таа предвидува Европскиот совет да може едногласно да го овласти Советот на ЕУ да донесува одлуки со квалификувано мнозинство во други случаи, освен оние коишто досега се предвидени. Тоа значи дека не мора да се чека на нови измени на основачките договори на Унијата за да се прошири користењето на квалификуваното мнозинство во други области на Заедничката надворешна и безбедносна политика. Ваквото делегирање би било постојано, не врз основа на поединечен акт. Сепак, потребна е едногласност за таквата согласност.

Претходниот претседател на Европската комисија Жан Клод Јункер во неговото обраќање за состојбата во Унијата во 2017 година најави користење токму на премостувачката одредба за некои прашања од надворешна политика на Унијата да преминат на гласање со квалификувано мнозинство. Цел на ваквиот предлог е Унијата да стане посилен глобален субјект. За да може да стане таква, неопходно е одлуките во надворешната политика да се носат побрзо и поефикасно. Поддршката за ваквата ориентација дојде и од германската канцеларка и францускиот претседател веќе во 2018 година. И новата претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лајен се заложи за тоа.

Европската комисија, во своето Коминике од 2018 година даде три предлози за области во кои треба да се разгледа можноста за премин од консензус кон квалификувано мнозинство во Заедничката безбедносна и одбранбена политика. Тие области се: 1) ставовите на ЕУ за човековите права во мултилатералните форуми; 2) усвојување и измена на режимите на санкции на ЕУ; 3) цивилните мисии во Заедничката безбедносна и одбранбена политика. Како што може да се забележи, проширувањето не е една од предложените области.

Една анализа на Школата Херти- Центарот Жак де Лор од почетокот на оваа година покажува дека државите кои јасно го подржуваат предлогот се малцинство – само шест. Една држава (Франција) – ги поврзува ова прашање со проширувањето на квалификуваното мнозинство и во областа на даночната политика (за што пак три држави се изрично против). Десет држави членки оваа анализа ги класификува дека се сѐ уште во „сива зона“ – не изразиле став, внимателни се или скептични. Преостанатите десет држави членки се „против“. Анализата заклучува дека, и покрај тоа што ставовите на државите членки се менливи, сѐ уште не е зрело времето за постојан премин од едногласност кон квалификувано мнозинство, макар и за ограничените предложени области. И уште нешто – се забележува поделба меѓу „традиционално западноевропските протагонисти“ и спротивставениот табор – главно од Југот и Истокот, со голема „сива зона“ меѓу двете позиции.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Измислена изјава на Фон дер Лајен пласирана како вистинска

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, на 15 април 2024 година никаде на изјавила дека во наредните 15 години најверојатно ќе нема проширување на ЕУ. Вакво нешто таа нема изјавено...