За наставниот час да трае 30 минути наместо 40, треба да се менуваат законите за основно и средно образование

Ако треба наставниот час од септември да трае 30 минути наместо 40, за тоа треба да има измени на законите за основно и за средно образование, а за да има измени, треба да има Собрание, вели за „Мета“ Александар Стојанов, в.д директор на Центарот за јавно здравје и член на Комисијата за заразни болести, по денешната средба на членовите на комисијата на која бил и министерот за образование и наука Арбер Адеми. Тие разговарале за почетокот на новата учебна година, но конечна одлука – нема. И Адеми кажа дека може да се одложи почетокот на новата учебна година, иако нема одлука дали таа ќе започне онлајн или со физичко присуство.

– Разговаравме денеска на состанок. Не е ништо уште дефинитивно решено, ќе имаме уште една средба во петок. Нема да биде исто во сите училишта, туку правилата ќе треба да се почитуваат зависно од условите во различни правила. На состанокот никој не рече дека ќе се одложи учебната година. Е сега, ако се случи да пламне епидемијава, тогаш не само што нема да се оди во училиште, туку сигурно ќе се вратат и други рестриктивни мерки. Ситуацијата не е така црно-бела. Министерството за образование си го гледа образовниот процес, ние се грижиме за здравствениот момент. И сега треба да најдеме заеднички јазик. За нас најдобро е да се учи онлајн, но тоа е најлошата опција, посебно за првачињата, вторачињата и децата во трето одделение. И во другите држави ретерираат и уште не се почнати со настава – вели Стојанов.

Министерот Адеми на прес-конференција кажа дека лично тој смета дека ништо не може да ја замени училницата.

– За да може да почне школската година треба да се усвојат законски измени. За тоа да се случи мора да има Собрание. Измените ги имаме, но кога ќе се усвојат, зависи од Собранието. Почетокот на школската година ќе зависи од епидемиолошката состојба и од Собранието – рече министерот.

Денес повторно на Комисијата за заразни болести во присуство на претставници на Министерството за образование и наука беа разгледани и се дискутираше за Планот за одржување на наставата во училиштата во учебната 2020/2021 година подготвен од МОН, од аспект на безбедност на сите чинители во наставниот процес – учениците, наставниците, помошниот персонал, како и од аспект на спречување на ширење на заразата со коронавирус во училиштата.

Од страна на Комисијата за заразни болести беше побарано од МОН да достави податоци за сите училишта во сите општини во Северна Македонија и бројот на деца во сите паралелки поединечно, кои се клучни податоци за да се утврди каде евентуално би имало онлајн настава, а дали и каде би било евентуално безбедно да се одвива настава и со физичко присуство.

Денес на состанокот на Комисијата за заразни болести биле присутни и претставници на Министерството за труд и социјална политика и се разгледувале протоколите за почеток на работењето на градинките. Заклучокот бил дека дел од протоколите треба да се доработат од страна на МТСП, да се разгледаат и потоа да се донесе одлука во врска со почеток на работењето на градинките. Освен тоа била разгледана и информацијата за воведување на PCR тестови за граѓаните од ризичните земји кои транзитираат низ нашата земја.

„Засега Комисијата продолжува будно да ја следи ситуацијата и доколку се утврди дека има потреба, не се исклучени дополнителни мерки. Со постојните мерки, граѓаните кои транзитираат низ земјава потпишуваат изјава дека за 3 часа ќе ја напуштат земјата и не претставуваат опасност за ширење на коронавирусот во нашата земја“, соопштија во Министерството за здравство.

Вчера, министерот за здравство Венко Филипче, изјави дека став на Комисијата за заразни болести е наставата да почне да се одвива онлајн, освен во првите одделенија (прво, второ и трето), во кои, како што рече, е неопходно физичко присуство на децата.

„Во оваа ситуација стравуваме дека транспортот од и до училиште, комуникацијата на децата на одморите, за време на влез во училиштето, во заедничките простории, во ходниците, во оваа ситуација, во есен во која едноставно не знаеме со што се соочуваме, што може да нѐ чека, не само ние, ниту една земја во Европа, ќе биде многу ризично да дозволиме децата да се вратат без никакво огрраничување во затворена просторија“, рече тој.