Сашо Мијалков како поранешен директор на УБК е првообвинет во случајот „Таргет-Тврдина“ | Фото: Арбнора Мемети

Апсолутно ве уверувам дека во овој момент можеме да му ја гарантираме безбедноста и на Сашо Мијалков и на сите осудени и притворени лица, изјави денеска директорот на Управата за извршување санкции, Марјан Спасовски.

„Изготвен е безбедносен план конкретно за притворениот Сашо Мијалков, за негово движење, конкретно за шетањето и се запазени сите безбедносни протоколи и стандардни оперативни процедури за да не дојде до каков било инцидент,“ изјави Спасовски, кој денеска, заедно со министерот за правда Бојан Маричиќ и со директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, извршија увид во текот на попишувањето во Казнено-поправната установа К’шање, Кумановско.

Мијалков е во притвор во КПУ Затвор „Скопје“ до правосилноста на пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“, односно до започнување на издржување на казната затвор од 12 години. Притворот може да трае најмногу 60 дена, според постојната законска регулатива.