Photo by Jonah Brown on Unsplash

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство-Скопје поднесе предлог за издавање казнен налог против осум лица за кривично дело – непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, согласно член 206 став 1 од Кривичниот законик. Надлежниот јавен обвинител му предложи на Основниот кривичен суд-Скопје за обвинетите полнолетни лица да изрече парични казни од по 100 дневни глоби, со поединечна вредност од 20 евра.

„Обвинетите, на возраст од 18 до 22 години, на 8 јануари биле затекнати на приватна прослава на улицата „Васил Ѓоргов“, во домот на една од обвинетите. На истата прослава биле затекнати и седум малолетни лица, за кои ќе се спроведе постапка согласно Законот за правда на децата“, соопштија од ЈО на РСМ.

Обвинетите постапиле спротивно на прописите и наредбите со кои се определуваат мерки за спречување на ширењето на опасна заразна болест, а кои се однесуваат на забрана за одржување на прослави на отворен и на затворен простор, во периодот од 18 декември 2020 до 21 јануари 2021 година, се додава во соопштението.