fbpx

За Гоце Делчев тој самиот и историјата зборуваат подобро од бугарските историчари

-

Во гостување во утринската програма на бугарската телевизија бТВ на 24 септември годинава, професорот Кирил Топалов, член од бугарската страна на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, која се состои од експерти од Бугарија и Македонија, зборуваше за работата на Комисијата и за средбата со претседателот на Бугарија, Румен Радев.

Притоа Топалов ги повтори речиси идентично сите ставови што ги искажуваа претходно неговите бугарски колеги за историјата на Македонија. Но исто така, тој влезе и во многу интересен момент да шпекулира, без речиси никакви изнесени докази за тоа, дали Гоце Делчев и македонските револуционери се бореле за самостојна Македонија или не, дека Делчев „е сврзан во целост со бугарската политика“. Топалов порача и дека тоа што корифејот на македонската револуцинерна борба учел во солунската машка гимназија и военото училиште во Софија го прави Бугарин по самосвест (тогаш тие биле единствените образовни институции што можел да ги посетува, бидејќи Белград бил премногу далеку).

Но, да видиме што тврди Топалов (од 6.42 во видеото):

„Ние не знаеме дали тие што се бореле за автономија на Македонија, што точно имале предвид? Можеме да претпоставуваме дека еден дел од нив имале предвид автономна Македонија, која ќе си остане независна држава, како што и се случува со решението од Коминтерна од 34-35 година. Но можеби нашите автономисти имале предвид и нешто друго…“, вели Топалов.

Она „друго“ од крајот на погорниот цитат е јасно оти членот на бугарската комисија смета дека се сметало дека автономијата била само чекор до припојување кон бугарската држава.

Наспроти ваквото тврдење, стојат огромен број историографски дела не само од Македонија, туку и од Бугарија, кои вадат од архивите (не само бугарски, туку и други) голем број писма и официјални документи на бугарските влади. Ако ги земеме само оние работи што се однесуваат до активностите на власта во Бугарија, сосема јасно е дека 80 проценти од македонските револуционери, со Гоце Делчев како еден од највидните, биле остро спротивставени на бугарската стратегија за Македонија во времето кога територијата е под отоманска власт, но и потоа.

Така, додека Бугарија прави многу агресивни чекори за да го „киднапира“ македонското револуционерно движење и успева преку Врховниот комитет да инсталира свои луѓе, мнозинството учесници во македонската револуционерна борба (вклучително и онаа во Кралството СХС) остро се спротивставени на ваквите агенти и честопати доаѓа до крвави битки на чети од едната и другата страна. Доказите за тоа се многубројни во архивите во денешна Турција. Дополнително, и другите историографски извори издадени во Бугарија (од кои огромен дел може бесплатно да се читаат на интернет) доволно јасно зборуваат за тоа дека од 10 само двајца револуционери верувале во идејата за припојување на „ослободена Македонија“ кон бугарското царство.

Зборувајќи повторно за Гоце Делчев, (од 7.25 во видеото), Топалов ја зема многупати цитираната во Бугарија реченица „… Но што можеме да правиме, кога сме си Бугари и сите страдаме од една опште болест…“, Топалов во неа наоѓа основа да тврди дека „Гоце Делчев е поскоро склон да смета дека тоа повеќе е една стапка кон ослободувањето на Македонија и кон наоѓање еден друг пат за неа од тој што е најден“ и потоа како доказ за своите тврдења пред камерите покажува неколку факсимили од некакви документи.

„Тоа се документи кои нашата комисија ги прибра, тоа се посмртници, документи од пописи, документи од Бугарско-грчката емиграциска комисија, итн.“, вели Топалов, објаснувајќи што покажува.

Токму тука лежи зајакот. Иако несомнено тоа што го покажа Топалов се фотокопии од оригинални документи, тие документи се продуцирани под капата на Бугарија. За да не објаснуваме многу што тоа значи, да кажеме само дека во текот на Првата светска војна, а потоа и во Втората светска војна, македонското население на овие простори се запишува во официјалната евиденција како Бугари. Во Кралството СХС, и потоа во Кралството Југославија, пак, биле запишувани како Срби и им биле менувани и презимињата на „иќ“. Така, ако некој покаже некаков документ од тоа време на некојси Петров со презиме Петровиќ, тоа не значи дека дотичниот Петров навистина бил Србин по самосвест.

Дополнително, сите издадени книги на крајот на 19. век, а потоа во 20., кои денешните бугарски историчари ги цитираат, се издавани во Бугарија. Несомнено е дека освен за самоиздадени книги, весници и публикации, сите други изданија морале да минат низ ситото на цензурата (официјална или принудно самонаметнатата).

Третото од тврдењата на Топалов што ги анализираме, како издвоени од големиот број тврдења што ги изнесува во ова интервју, е тоа дека овој член на заедничката бугарско-македонска комисија ги прогласува и браќата и сестрите на Гоце Делчев за борци за официјалната бугарска политика.

Така, од 7:56 во видеото, Топалов вели: „ За семејството на Гоце Делчев, тие биле четиримина браќа и пет сестри. Тројца од браќата умираат во борбата како борци.
Od неговите сестри, една или две… две… исто така учествуваат во борбата. Целото нивно семејство никогаш немало друга мисла за себе освен дека се Бугари“.

Многу неправилно е ова поистоветување на учество во борбата против турските власти (и македонската револуционерна борба, која ја има и во Кралството СХС) со бугарска национална самосвест. Оти, како што кажавме, многу мал дел од револуционерните борци биле со таква определба, а сите други се бореле за автономна (како еден чекор кон целосна самостојност) Македонија во Отоманската империја.

Но, да се навратиме на реченицата што бугарските историчари ја цитираат за Гоце Делчев, онаа од погоре, и да ја спротивставиме на други цитати од него.

Гоце Делчев вели (зборувајќи и за предавствата, односно приклонувањето на некои кон официјалната бугарска политика):

„Ослободувањето на Македонија се крие во внатрешното востание. Кој мисли инаку да се ослободи Македонија, тој се лаже и себеси и другите.”

„Но тоа е патот за ослободувањето на народите од туѓо его. По него оделе Грците, Србите, Бугарите. По тој пат треба да одиме и ние, Македонците, за да се ослободиме од Турците“.

„Jас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди како македонскиот. Историјата не памети друг таков пример кога еден ист народ по традиција, јазик и вера се разделува на разни спротивни страни, една од друга потуѓа…”

Веројатно овие цитати се причината за нервозата на бугарските членови на Заедничката комисија, во кои е Топалов, кој зборува дека бугарската страна во преговорите „удрила во ѕид“, мислејќи на несогласувањето од нивните македонски колеги.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...