Во буџетот за 2020 година, за гасификација се предвидени 120 милиони денари (околу два милиони евра), истакна на прес-конференција министерот за економија Крешник Бектеши, претставувајќи го буџетот на ресорното министерство.

Тој додаде дека државата ќе продолжи со гасификацијата и во моментов имаат одлична искористеност на средствата и реализација од страна на Македонски енергетски ресурси (МЕР).

„Јас сум убеден дека наредната година ќе почнеме и со нови проекти, вклучувајќи го тука и многу важниот проект – интерконекторот со Грција“, додаде Бектеши.

Изградбата на интерконекторот кон Грција е од големо значење за државата, посебно откако беше пуштен во употреба Транс-анадолскиот гасовод во Турција.

Тој во делот на Грција продолжува во таканаречениот ТАП, (Транс-јадрански гасовод/Trans Adriatic Pipeline) каде што преку интерконекторот, нашата држава ќе добие гас.