За „ФИЛМАЈ 2020“ се пријавиле 2.017 филма од 112 земји

Фото-кино клубот „Козјак“ од Куманово информираше дека на конкурсот за Вториот меѓународен фестивал на краток филм „ФИЛМАЈ 2020“ пристигнале вкупно 2.017 филма од 112 држави, меѓу кои и 15 од земјава.

„Значајната бројност на пријавени учесници е благодарение на тоа што пријавувањето беше преку платформата FilmFreeway, која овозможува ефикасно поврзување и вмрежување на филмски творци и фестивалски организатори. За споредба, на првото издание на фестивалот лани пристигнаа 50 пријави, а учесниците се пријавуваа со пополнување на директен онлајн-формулар“, се вели во соопштението.

Жирито ќе одлучи за доделување на три награди: за најдобра режија „Лазар Ѓорѓевиќ“, за најдобра фотографија/кинематографија „Радислав Ристевски“ и за најдобра приказна/сценарио.

Според организаторите, објавувањето на резултати од конкурсот, најверојатно ќе биде во период мај-септември. Ова се должи на тековните услови и важечки препораки за јавното здравје, иако првичниот план беше победниците да бидат соопштени до 5 мај 2020 година.

Овогодишното жири на Фестивалот е во состав Ана Јакимска, филмски режисер и сценарист, Златко Ѓелески, писател и културен критичар и Глигор Максимовски, фотограф и член на Фото-кино клубот „Козјак“.