fbpx

За енергетски ефикасни градби, на градежниот сектор му треба дигитализација и повеќе вештини

-

Градежниот сектор во државата треба да се издигне на повисоко ниво и во него да се креираат дигитални алатки кои ќе поттикнат нови знаења и вештини за сите профили на кадри. Тоа е посебно важно за енергетски ефикасните градби и примената на еколошките материјали, па токму затоа градежните компании треба да развијат современи еколошки технологии и зелени проекти, што е и препорака на Европската комисија. Целта е да се елиминираат стакленичките гасови до 2050 година и да се заштити животната средина.

Тоа беше посочено на денешната прес-конференција на Стопанската комора на Северна Македонија: „Дигитализација и воведување напредни вештини за енергетска ефикасност во градежниот сектор“, на која се зборуваше за проектот „Одржлива енергија, вештини во градежништвото, видливи, валидирани вреднувани“, во рамки на Програмата Хоризонт 2020.

Тој моментално се спроведува во соработка со 10 партнери од Словачка, Словенија, Холандија и Шпанија, а СКМ има улога на координатор. Проектот ќе трае три години и подразбира активности за примена на дигитални технологии заради надградба на вештини и препознавање на конкуренцијата на компаниите.

Во досегашните три фази од овој проект, извршена е обука на 1.800 градежни работници од 14 разни профили, кои се спроведуваа во неформалното образование.

Според професорката Христина Спасевска од УКИМ, во голем дел од градежниот сектор се забележува подобрување на енергеска ефикасност при изградба на  објектите, според употребата на материјалите, и не само во новите, туку и во старите објекти, како и зголемено користење на обновливи извори на енергија.

„Четириесет проценти од потрошувачката на енергијата зависи од материјалите од кои се изградени објектите. Во градежниот сектор кај нас, работниците се недоволно образовани и немаат лиценци, поради што и компаниите се неконкурентни на пазарот. Затоа е потребна обука на кадарот на сите нивоа, од работник до инженер, со дигитални вештини потребни за следење и воведување на енергетско ефикасни проекти и користење на ОИЕ, чии лиценци ќе бидат признати на национално и на меѓународно ниво“, рече Спасевка, додавајќи дека овој проект ќе понуди широка електронска база и размена на податоци меѓу компаниите од земјава и партнерите од странство.

Јадранка Аризанкова од СКМ посочи дека новите вештини и знаења се битни за енергетската трансформација во градежниот сектор, а целта на овој проект е нашиот градежен сектор да стане поконкурентен со европските компании. Од петте земји кои се вклучени во него, во проектот учествуваат 200 компании, 500 професионалци, 1.200 станари, 50 организации и едно советодавно тело составено од владите и од невладини здруженија. Учесниците ќе се стекнат со меѓународно признати сертификати со што ќе се поттикне и пазарот на трудот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Мета факт: Го нема ветениот нов електронски дневник, наставниците го користат стариот

Одговорните во Министерството за образование и наука (МОН) најавија дека од минатиот септември, односно од учебната 2023/2024 година, ќе биде пуштен во употреба нов електронски дневник, со кој требаше...