За електричните автомобили и хибридите не секаде има бесплатен паркинг во земјава

Фото: Архива на Мета.мк

Сопствениците на електрични и хибридни возила во земјава не секаде може да го остварат правото на бесплатен паркинг. Иако овие возила имаат минимално учество во загадувањето на воздухот, општинските власти имаат различни аршини во однос на давањето поволности за нив. Инаку, токму транспортот се наоѓа на второто место помеѓу главните причинители на аерозагадувањето во македонските градови.

„Мета.мк“ ги контактираше по електронска пошта и телефонски ЈП „Градски паркинг“-Скопје, од каде што нѝ кажаа дека електричните и хибридните возила си плаќаат редовни цени за паркинзите. Од ова јавно претпријатие напоменуваат дека во катните гаражи постојат полначи за електрични автомобили, кои можат да се користат од возачите.

На дел од паркинзите на ЈП „Градски паркинг“, може бесплатно да се полнат електричните и хибридните возила преку полначите поставени од ЕВН, но сопствениците на овие возила мора претходно да си обезбедат картичка за полнење од ЕВН.

Од ЈП „Паркинзи на општина Центар“ за „Мета.мк“ велат дека повеќе од пет години го стимулираат користењето на електричните и хибридните возила преку воведување на повластени паркинг карти за сопствениците.

„Оваа повластена паркинг карта може да ја добие секој жител на РСМ кој е сопственик на електрично или хибридно возило доколку ги поседува сите потребни документи од Правилникот за начинот и постапката за издавање на повластена паркинг карта за јавни паркиралишта со наплата“, објаснуваат од „Паркинзи на општина Центар“.

Сепак и оваа поволност, не се однесува за сите паркинзи со кои управува ова јавно претпријатие. Електричните и хибридните возила имаат право на бесплатно паркирање на сите отворени јавни паркиралишта од комерцијален тип на ЈП ПОЦ, како и во катната гаража „Судска палата“, но немаат без право на бесплатно користење на затворените паркиралишта од комерцијален тип и резидентните улици и паркиралишта со кои стопанисува претпријатието.

Инаку, во другите градови во земјава, бесплатен паркинг без ограничување на времето на престој за електричните и хибридните возила има само во Струмица, Битола и Охрид.

Здружението за промовирање на електрични возила ЕЛЕКТРОМОБИЛНОСТ уште во 2019 година испрати иницијативи до сите општини во земјава каде има платено паркирање, овие возила да се ослободат од давачката.

Според податоците на Државниот завод за статистика, на крајот од 2020 година во Македонија биле евидентирани само 198 патнички моторни возила кои ја користат електричната енергија како гориво. Заклучно со лани, во земјава биле досега увезени 3.345 хибридни автомобили и 134 електрични автомобили, покажуваат податоците на Царинската управа на РСМ.

За разлика од минорното користење на овие возила кај нас, „Мета.мк“ веќе објави дека електричните и хибридните возила за првпат во Европа, во текот на август 2021 година, станаа попродавани од возилата со дизел мотори. Главната причина за ваквиот радикален пресврт е промената на свесноста кај граѓаните од овие земји, но и поволностите за набавка на овие возила во пакет со рестриктивните мерки за дизелашите, кои се воведени од страна на европските власти.