[Рецензија: Економистите на линија со Мицкоски, стопанството крахира, нема изгледи за раст]

 

Во насловот на текстот што го рецензираме се тврди дека „стопанството крахира“ за веднаш во првиот пасус да се каже дека „економскиот раст е незабележлив“. Ова е контрадикторно едно со друго. Стопанство што „крахира“ не може да има економски раст. Па, макар и незабележлив. Стопанство што крахира бележи пад. Настрана фактот што и тврдењето дека економскиот раст бил незабележлив е неточно. Според податоците на Државниот завод за статистика за домашниот бруто-производ (БДП), тој бележи пристоен раст во вториот и третиот квартал од годинава. Па така, во првиот квартал од годината растот е 0,1 проценти (кој потоа е ревидиран на 0,9 проценти), во вториот е 3,1 проценти, а во третиот 3 проценти.

Линк до оригиналниот напис: Економистите на линија со Мицкоски, стопанството крахира, нема изгледи за раст

Датум и време на објавување: 17.12.2018

Датум на рецензирање: 21.12.2018

Рецензент: Силвана Жежова

Граѓаните се дават во долгови, цените на основните производи потребни за живот се во континуиран раст додека платите и пензиите во државниот и во приватниот сектор стагнираат. 

Последниот Извештај за ризиците во банкарскиот систем на Република Македонија на Народна банка покажува дека нема раст на лошите кредити, што значи дека тие редовно се отплаќаат. А, и генерално гледано, нивото на лоши кредити во земјава е ниско дури и за европски стандарди. Вкупното ниво на нефункционални кредити кај нефинансиските субјекти изнесува само 5 проценти од вкупниот износ на крајот од септември годинава, што е значително пониско ниво отколку во септември лани, кога лошите кредити изнесуваа 6,6 проценти од вкупните. Кај граѓаните, пак, тие изнесуваат само 2,4 проценти во септември годинава, што исто претставува пад во однос на септември лани кога нивното ниво беше 2,6 проценти.

Кога граѓаните и бизнисите редовно ги отплаќаат кредитите кон банките, не може да се каже дека тие „се дават во долгови“. Во долгови се дават лицата и бизнисите што не можат да ги сервисираат своите задолжувања.

Кредитирањето, исто така, расте, што е показател дека, ако граѓаните се во долгови, нема да можат да подигаат кредити. А, според Народна банка, токму кредитите на домаќинствата најмногу придонеле за кварталниот раст на кредитирањето. Во однос на цените на мало, според последниот извештај на Државниот завод за статистика, во ноември имало намалување, во однос на претходниот месец. Платите, за кои во текстот се тврди дека стагнираат, сепак, не стагнираат, туку, според најновите податоци на ДЗС, просечната плата во октомври изнесува 24.817 денари и е за 6,3 проценти повисока отколку во истиот месец лани и се зголемува од месец во месец.

Понатаму во текстот се вели:

Според економските познавачи, зголемувањето на даноците дополнително ќе ги осиромаши граѓаните, а приливот во државниот буџет на овие средства ќе биде незначителен поради сумата, која е незначителна, како и поради фактот што власта лошо се справува со реализацијата на капиталните инвестиции, што значи дека овие средства многу веројатно ќе останат неискористени.

Никаде не пишува кои се тие економски познавачи кои тврдат дека зголемувањето на даноците дополнително ќе ги осиромаши граѓаните. Министерството за финансии, Владата, УЈП објаснија дека оданочувањето, кое ќе почне да важи од 1 јануари 2019 година, најмногу ќе погоди еден процент од граѓаните, кои примаат плата повисока од 90.000 денари, односно според пресметките на УЈП, станува збор за 10.000 лица. Оттука, не може да стане збор за никакво дополнително осиромашување на мнозинството граѓани. Настрана што самиот пасус е контрадикторен. Како тоа ова зголемување на даноците „дополнително ќе ги осиромаши граѓаните“ кога приливот во државниот буџет од новооданочените средства ќе биде „незначителен“. Како тоа се осиромашувало од незначителен износ на средства? Во однос на реализацијата на капиталните инвестиции, се очекува нивен раст по комплетирање на документацијата и откочување на голем број проекти.

Текстот што го рецензираме изнесува паушални обвинувања и тврдења за наводно лошите состојби во економијата. Отсуствуваат бројки за споредба што ќе го докажат пишувањето за надолните трендови во економијата, иако тие бројки, според горенаведените линкови, го тврдат спротивното. Како параметри за случувањата во економијата во текстот се земени само цените, платите, пензиите и за нив нема точни бројки, а се изоставени други важни параметри, како странските инвестиции и извозот, кај кои има евидентен раст.