Во текот на 49 недела од оваа година, во Р.С. Македонија, пријавени се 96 случаи на грип, на групни пријави за заболени од грип/заболувања слични на грип, што е за 15,8% помалку во однос на минатата недела. Споредбено со 49 недела од минатата сезона се забележува зголемување од 9,1%, кога беа регистрирани 88 заболени лица, а во однос на моделот за последните 15 сезони се регистрира намалување од 35%, информираат во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). 

„Пријавената инциденца е под неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип, односно сѐ уште не е достигнат прагот на влез во сезоната на грип. Во текот на 49 извештајна недела, во вирусолошката лабораторија  пристигнаа 26 материјали од рутинскиот и САРИ надзорот за лабораториско тестирање, паралелно тестирани за Influenza, SARS-CoV-2 и/или RSV. Од вкупно тестираните материјали, детектиран е еден позитивни случај на Influenza А(H3) и два детектирани случаи на RSV од кои и двата се RSV тип B. Нема докажани SARS-CoV-2 позитивни лица“, информираат во ИЈЗ.

Во сезоната 2025/2026 вкупниот број на случаи на грип е 872.

„Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. ИЈЗ препорачува вакцинација на целото население, посебно на лица кои припаѓаат на т.н. ризични групи – постарите лица (над 65 години), деца на возраст од 6-59 месеци, лица постари од 6 месеци со хронични болести, бремени жени и здравствени работници“, се наведува во извештајот на ИЈЗ.

Министерството за здравство обезбеди бесплатна четиривалентна вакцина во вкупна количина од 80.000 дози, наменета за приоритетни групи население. Според податоците од Управата за електронско здравство, од почетокот на вакцинацијата, а заклучно со затворањето на овој извештај, вакцинирани се вкупно 76.702 лица од ризичните категории на населението со бесплатни вакцини.