„Најголем дел од граѓаните што не ја испочитувале мерката за ограничување на движење во периодот од 22 март до сега, односно 459 од вкупно 502 лица се на возраст од 18-67 години“, рече министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев.

Од вкупниот број на лица кои не ја испочитувале оваа мерка во дадениот период, 199 се приведени, од кои 14 лица се до 18 години.

„Од воведувањето на мерката за ограничување на движењето, од вкупниот број (502) опоменати се 136 лица, а во останатите случаи земени се податоци и се работи за преземање дополнителни мерки. Во однос на поднесоците до ОЈО што ги поднесе МВР во конкретниот период, а кои се однесуваат на непочитувањето на мерката поднесени се 123 кривични пријави и 12 известувања со кои се опфатени 158 сторители за вкупно 144 кривични дела“ – додаде министерот.

За последните 24 часа, како што информираше министерот, 94 лицата не ја почитувале мерката за ограничување на движење. За пет од нив е поднесена кривична пријава. Додека пак, приведени биле 37 граѓани, од кои 7 се лица до 18 години. Издадени се и 90 решенија за самоизлоација, а во во последните 24 часа не е констатирано прекршување на оваа мерка.

Во периодот од 26 февруари, откако е воведена мерката за изолација и самоизолација до денес, издадени се вкупно 1620 решенија за изолација и потпишани се 9025 изјави за самоизолација.

„Во последните 24 часа не е констатирано ниту едно непочитување на оваа мерка, што е позитивен показател“ – изјави министерот.

Вчера со хуманитарен превоз од Малме и Загреб вратени се 290 патници, а се очекуваат и два авиони од Љубљана и Минхен. Во таа насока, министерот информираше дека 1.082 лица се сместени во државен карантин. Вкупно 19 објекти се приспособени за оваа намена, а распоредот за сместување го прави Генералниот секретаријат на Владата, појасни тој.