Во текот на седмата недела од 2019 година во Македонија пријавени се 2.943 случаи со симптоми на грип или заболувања слични на грип, што е зголемување за 31 отсто во споредба со минатата недела. Ова го покажуваат денешните последни информации на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

– Оваа недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ пристигнати се 112 материјали за тестирање на грип, од кои 72 (64,3 отсто) позитивни за присуство на вирусот на грип – 50 инфлуенца A(H1), 9 инфлуенца A(H3) и 13 инфлуенца А несуптипизиран – велат оттаму.

Како и во текот на сите претходни недели од почетокот на сезоната, така и во седмата недела од годинава, најголем број заболени се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, а највисока инциденца е регистрирана кај децата од возрасната група од 0 – 4.

Во сезоната 2018/2019 вкупниот број на заболени од грип изнесува 9.314.

Најголем број на заболени лица се регистрирани во Струмица, па Скопје, Гостивар, Битола, па Тетово.

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување, затоа Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено за лица кои припаѓаат на ризични групи (согласно препораките на СЗО).

Според податоците добиени од Управата за електронско здравство, досега вакцинирани се вкупно 19.992 лица со бесплатни вакцини против сезонски грип (лица постари од 65 години со просечна, потпросечна пензија или без примања), односно искористени се 71,4 отсто од вкупниот број на набавени вакцини.

Најголем број од вакцинираните се на возраст над 65 години – 10.977 лица (56,7 отсто). На возраст од 30 – 64 години вакцинирани се 7.370 лица (38,1 отсто), додека на возраст од 5 -29 години вакцина примиле вкупно 196 лица (1 отсто). Вакцинирани се и четири деца помали од пет години. Од категоријата на здравствени работници, вакцинирано е 801 лице или 4,1 отсто. Нема вакцинирани бремени жени. Од вкупниот број вакцинирани, 14.111 лица или 72,9 отсто се со историја на хронично заболување.