fbpx

За еден месец одложен почетокот на чистењето на депониите и ѓубриштата во Источен и Североисточен регион

-

Наместо кон крајот на март, чистењето на нестандардните депонии и ѓубриштата лоцирани во општините од Источниот и Североисточниот плански регион ќе започне со задоцнување од еден месец.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање за „Мета.мк“ објаснуваат дека активноста доцни затоа што во првата тендерска постапка не била избрана компанија како најдобар понудувач, по што се повторила постапката за избор на надзор над работите.

„Работите за чистењето на ѓубриштата во Источниот и Североисточниот регион планирано е да започнат до крајот на април 2021 година, а затворањето на нестандардните депонии ќе се врши паралелно со постапка за експропријација на земјиштата, онаму каде има дел приватно земјиште, а се наоѓа нестандардна депонија“, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Инаку, во 18-те општини од овој дел на земјата во првичната фаза ќе се чистат 70 диви депонии (ѓубришта) и 7 од постојните нестандардни општински депонии, за што веќе се избрани две компании од Германија и Турција.

Тие во наредниот период ќе треба да работат одделно на чистење на отпадот во двата плански региона, при што само рекултивирањето на нестандардните општински депонии ќе чини околу 10 милиони евра.

Откако ќе се исчистат овие локации од натрупаниот отпад, општините и јавните комунални претпријатија во иднина ќе имаат јасни ингеренции за одржување на овие места, за што веќе се потпишани договори со посебни обврски за нив.

Еднаш годишно, јавните комунални претпријатија од овие општини ќе мора да вршат мониторинг на подземните води и визуелна проверка на теренот, да ја одржуваат оградата и каналот за атмосферски води на затворената депонија. Два пати годишно, тие се должни да вршат сечење на тревата и топографско набљудување во однос на слегнување на телото на депонијата и стабилноста на прекривката. По осмата година од затворањето на депонијата, општините преку јавните претпријатија се должни еднаш годишно да продолжат со мониторингот на подземните води и топографското набљудување на депониите.

Целокупната постапка за затворање и чистење на нестандардните депонии и ѓубриштата во Источниот и Североисточниот плански регион ќе се одвива во две фази. Во Источниот плански регион се регистрирани вкупно 12 несоодветни општински депонии и 72 диви ѓубришта, додека во Североисточниот плански регион има вкупно шест нестандардни општински депонии и 32 диви ѓубришта.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...