За еден месец собрани 235.000 евра од продажба на кеси, ќе се инвестираат во еколошки проекти

Фото: Мета.мк

За само еден месец, во декември минатата година, се собрале над 14 милиони денари или околу 235.000 евра од продажбата на пластични кеси. Тие ќе бидат наменети за еколошки проекти, а Министерството за животна средина наскоро ќе направи Програма со првите приоритети за инвестирање, информираше денеска министерот Насер Нуредини.

Откако пред речиси два месеци стапи на сила забраната за пластичните кеси и нивната цена се зголеми на 15 денари, употребата е намалена за десет пати во маркетите каде беа бесплатни. Воедно, за четири до пет пати е редуцирано користењето во маркетите каде што се продаваа за два денари. Надоместокот од 15 денари, кој сега се наплатува за биоразградливите кеси, според Законот за управување со пакување и отпад од пакување, се евидентира и ќе се пренесе во посебен фонд на Министерството за животната средина. Тие средства, според Нуредини во иднина ќе се користат за различни проекти поврзани со животната средина.

„Во првиот месец по стапувањето на сила на забраната за употреба на пластичните кеси резултатите се одлични. Употребата е некаде намалена и до десет пати, а зголемена е продажбата на платнените торби за повеќекратна употреба. Само во декември, од продажбата на пластични ќеси се собрани 235.000 евра кои одат во еколошкиот фонд. Работиме на Програма за инвестирање, а целта ни е овие пари да се вложат во проекти кои ќе направат разлика што граѓаните ќе ја забележат“, посочи Нуредини.

Инвестициите, информира министерот, треба да го подобрат системот за селекција на отпадот, преку зголемување на садовите за селекција на пластика и лименки, бидејќи тој за стакло е подобро организиран. Тоа ќе биде направено во соработка со општините и колективните постапувачи, а особено ќе се внимава да се имплементира во заштитените подрачја.

Нуредини вели дека е информиран дека во дел од маркетите се уште се користат залихите од кеси и се даваат бесплатно, само со исечени рачки. Вели дека тоа е дозволено само со потенките кеси за хигиенско пакување месо и слични продукти, но не и оние за транспорт на продукти и најави зачестени инспекции.