Во текот на месец ноември, пријавени се три случаи потврдени на СИДА и еден на ХИВ, сите од машки пол, кои припаѓаат на возрасната група од 20 до 39 години, пишува во новиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за месец ноември.
„Согласно постоечката евиденција на пријавени случаи (заклучно со 30.11.2024), кумулативниот број на лица регистрирани со ХИВ/СИДА во Р. Северна Македонија, за периодот 1987 – 2024, изнесува 688, а од нив, согласно податоците со кои располага ИЈЗ, 131 лице починало, а 553 лица живеат со ХИВ/СИДА“, наведено е во извештајот.
Во него стои дека во ноември, најчесто регистрирано акутно заразно заболување се овчите сипаници со вкупно 395 пријавени лица.
„Во однос на претходниот месец октомври 2024 година (n=304) се регистрира зголемување за 29,9%“, информира ИЈЗ.
Во однос на цревните заболувања, во извештајот е наведено дека минатиот месец пријавени се 342 случаи на заболени од групата на цревни заболувања. Од нив, најголем број се пријавите за ентероколити. Пријавени се и 23 случаи на салмонелози и 7 случаи на бактериски алиментарни инфекции и интоксикации.