За два дена двајца 26-годишници од Кавадарци заболеа од ковид-19

Два дена откако беше потврдено присуството на ковид-19 кај 26-годишен кавадарчанец, денеска стигна позитивен резултат и за негов врсник со кој се дружел. Според првичните информации од Центарот за јавно здравје, според анкетата, двајцата биле во меѓусебен контакт.

Во Кавадарци, како и во останатите градови во државата, често може да се забележат млади лица кои се групираат во поголеми групи, не држат растојание меѓу себе, ниту пак носат заштитна маска на лицето. Како последица на тоа, бројот на новозаболени кај младите расте, а пред неколку дена здравствените власти го регистрираа и првиот смртен случај во нашата земја на 24-годишна пациентка заразена со ковид-19.

Наспроти ова, најголемиот капацитет во Кавадарци, компанијата „Дрекслермаер“, засега поминува со инцидентни случаи на заболени работници од корона вирусот, благодарение на наметната строга дисциплина и брза реакција на работодавачот. Во германската компанија, според вработените, редари контролираат дали вработените носат маски и се дезинфицираат, а на паузата не се дозволува групирање и се инсистира на држење растојание меѓу работниците.

Во Кавадарци во моментов има 17 активни случаи на ковид-19.