За два дена ќе се знае што кријат телефоните на креаторите на „Јавна соба“

За два дена ќе биде познато што открила истрагата во врска со случајот „Јавна соба“, групата на „Телеграм“ во која членовите споделуваа порнографски материјали од девојки, а која беше избришана откако за неа се дозна во јавноста.

Како што информира за „Мета.мк“, Славјанка Петровска, заменичката министерка за внатрешни работи, засега нема нови пријави од девојки кои биле злоупотребени во групата, а официјалниот број на пријави во Министерството за внатрешни работи е – пет.

– Двата телефони, оној на администраторот и оној на креаторот на групата се вештачат и многу скоро се очекуваат наодите од истрагата. Нови пријави од девојки засега нема – вели Петровска.

Девојки од Скопје, Кичево, Тетово и Штип пријавиле во Бирото за јавна безбедност дека нивни фотографии се злоупотребени во групата „Јавна соба“. Во моментов се работи на обезбедување на податоците за сторителите на кривичните дела, а се преземаат и други дејствија со цел што побрзо расчистување на случајот и поднесување соодветни пријави.

Истрагата треба да покаже и која била целта и намерата на креирање на оваа група, дали станува збор за група во која само се споделувале фотографии со порнографска содржина или, пак, позадината била организирање на проституција и подведување, особено со акцент на малолетничките чии фотографии се споделувале.

Групата „Јавна соба“, каде се споделуваа порнографски и еротски фотографии и видеа од девојки, меѓу кои и малолетни е избришана. Во неа имало 7.400 членови, главно мажи, меѓу кои и јавни личности, поранешни и сегашни функционери и новинари. Пред да биде избришана, во самата група можеа да се прочитаат предлози во кои други групи и на кои апликации да се зачленат заинтересираните.

Експерти од областа на човековите права и родовото насилство посочија дека девојките се жртви на збирштина сексуални предатори кои на жената и на женското тело гледаат како предмет без право на приватност. Експертите од областа на информатичката технологија и комуникации, пак, предупредија дека има уште групи како јавна соба за кои јавноста не знае. Како што објаснуваат тие, на „Телеграм“ комуницираат дури и терористи, затоа што е тешко органите на прогонот да контролираат што се прави таму.