fbpx

За диференцираната интеграција: ЕУ, Европската економска област и Европската асоцијација на слободна трговија

Анализа за „Порталб.мк“ од Малинка Ристевска, Јорданова, Институт за европска политика

-

Деновиве стана актуелна темата Европска економска област (ЕЕА) или подобро речено – моделот на Европската економска област, но во дискусијата недостасува поткрепеност со факти или реални проценки. Затоа се осврнуваме на некои базични факти за ЕЕА, ЕУ и ЕФТА.

Малинка Ристевска Јорданова

Создавањето на Европската заедница за јаглен и челик, а потоа и Европската економска заедница во педесеттите години од минатиот век со шест држави основачи (Германија, Франција, Холандија, Белгија, Луксембург и Италија) не беше единствениот концепт за европска интеграција во тоа време. Се разви паралелен концепт на полабаво меѓусебно поврзување преку договори за слободна трговија, реализиран преку Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА). При основањето во 1960-тата година ЕФТА имаше седум членки – Австрија, Данска, Норвешка, Португалија, Обединетото кралство, Швајцарија и Шведска. Историјата покажа дека Европската економска заедница, особено преку развивањето на единствениот пазар, се стекна со поголема привлечна моќ од ЕФТА. Така, со текот на годините, повеќе членки на ЕФТА станаа членки на ЕЗ која прерасна во ЕУ – практично сите основачи, освен Норвешка и Швајцарија. Во меѓувреме, ЕУ стигна до 28 членки, па се намали на 27, додека во ЕФТА (по повеќе излези и влезови) останаа да членуваат Норвешка, Исланд, Швајцарија и Лихтенштајн.

Каде е Европската економска област (ЕЕА) во оваа слика? Европската економска област се создаде во 1994 година. Беше главно мотивирана од интересот на државите членки на ЕФТА за пристап до европскиот единствен пазар, но ЕУ тоа го услови со прифаќање на нејзините правила на игра и ефикасни механизми на спроведување. Од acquis на ЕУ, ЕЕА не ги покрива заеднички земјоделски и риболовни политики (иако Договорот за ЕЕА има и одредби за трговија со земјоделски и рибни производи); царинската унија; заедничката трговска политика; заедничка надворешна и безбедносна политика; правдата и внатрешните работи; директното и индиректното оданочување, како и економската и монетарната унија. Иако правдата и внатрешните работи не се дел од ЕЕА, државите на ЕЕА и ЕФТА, преку посебни договори, се дел од Шенген и од системот Даблин (кој се однесува на миграцијата и азилот).

Шведска, Финска и Австрија (тогашни членки на ЕФТА) решија сепак да станат членки на ЕУ и ѝ пристапија во 1995 година. Меѓутоа, граѓаните на Норвешка тоа го одбија со референдум (втор, првото „не“ беше во 1972 година). Граѓаните, пак, на Швајцарија, со референдум, потоа го одбија и влезот во Европската економска област. Така настапи на сцената „диференцираната интеграција“, заснована на интересите на сите засегнати држави да немаат негативни економски последици од специфичните интеграциски процеси. Со ЕЕА се создадени посебни механизми на преземање и спроведување на европското acquis. Швајцарија, пак, има цела посебна мрежа на билатерални договори со ЕУ, затоа што не е дел од ЕЕА.

Членки на Договорот за ЕЕА се ЕУ, сите држави членки на ЕУ, плус Норвешка, Исланд и Лихтенштајн, кои се истовремено и членки на ЕФТА. Според Договорот за ЕЕА , држава која не е членка на ЕУ може да стане членка на ЕЕА само кога пристапува во ЕУ или во ЕФТА, и тоа со одлука на Советот на ЕЕА. Меѓутоа, договорот за пристапување кон ЕЕА е подложен на ратификација односно одобрување од сите страни– значи сите држави членки на ЕЕА – во моментов 30, како и самата Европска Унија. Како што се гледа, не е воопшто лесно да се стане членка на постојната ЕЕА.

Обединетото Кралство не се враќа автоматски во ЕЕА или ЕФТА. Со престанувањето на члентвото во ЕУ, ним и престана и членството во ЕЕА, а во ЕФТА одамна не се членови.

Пред околу една година, поаѓајќи од оценката дека сегашниот модел на интеграција на државите од Западниот Балкан во ЕУ не дава резултати, Европската иницијатива за стабилност (ЕСИ) ја даде идејата моделот на ЕЕА да се примени на Западниот Балкан. Беа повлечени и многу несоодветни паралели – небаре ваквото решение само по себе ќе ги направи државите од регионот Норвешка или Швајцарија. Како и да е, оваа иницијатива беше дочекана „на нож“ во државите од нашиот регион, зашто сите сакаат полноправно членство во ЕУ. По јавното извинување на претседателот на ЕСИ, дискусијата престана. И во таа дискусија, отсуствуваше еден битен елемент – проблемот на отсуство на трансформативната моќ. А токму клучното прашање за државите од нашиот регион е: како да се обезбеди трансформативна моќ – надворешна, но и внатрешна.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

За три години нема ниту една пресуда за предизвикување шумски пожар

Никој во последниве години не одговарал и не бил осуден за кривичното дело „предизвикување шумски пожар“. Мета.мк ги побара податоците од Кривичниот суд за тоа колку пресуди биле донесени...