Во Скопје утре ќе бидат засадени околу милион садници во акцијата „Ден на дрвото“, соопшти градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
– Градот Скопје и годинава се вклучува во традиционалната акција „Ден на дрвото“, во којашто на територијата на градот Скопје ќе бидат засадени околу милион садници. Дел од садниците ќе им бидат доделени и на граѓани, односно домаќинства. Градот Скопје ја поддржува оваа граѓанска акција за да се подобрат условите за живот во градот и да се намали загадувањето на воздухот – изјави Трајановски на денешната прес-конференција.
Директорот на ЈП „Македонски шуми“, Жарко Караџовски, истакна дека годинава ќе се засадат околу 2,6 милиони садници на 550 хектари, а во акцијата најмногу акцент е ставен на најзагадените градови, односно на Скопје, Битола, Кичево и на Тетово. На територијата на Скопје акцент е ставен на просторот околу обиколницата.