Фото: Mika Baumeister на Unsplash

Нема директна корелација меѓу отвореноста на институциите и нивните буџети. Нема ниту корелација меѓу отвореноста на органите на извршната власт и отвореноста на министерствата под кои тие спаѓаат, ова го покажуваат резултатите од сеопфатно емпириско истражување засновано врз Индексот на отвореност при Проектот за граѓанско учество на УСАИД и Националната фондација за демократија, кој го реализираше Фондација Метаморфозис во соработка со партнерите од регионалната мрежа на ГО – Отчетност, технологија и мрежа на институционална отвореност во Југоисточна Европа (ACTION SEE).

„Механизмите за спроведување следење и известување како и редовни извештаи се важни за да се обезбеди примена на нови политики и за одржување на нивните позитивни резултати“, рече Ќендреса Сулејмани, програмски директор во Фондацијата Метаморфозис.

Таа на денешниот онлајн настан ги презентираше резултатите од истражувањето и посочи дека веб страниците на државните институции се легитимно најупотребуваните алатки за интеракција и отчетносот кон јавноста и мора ефективно да се користат за известувањето за сите аспекти на надлежностите на соодветните инситуции. Додека пак, фокусот на институциите мора да биде кон проактивно објавување во најотворениот достапен формат.

Ерик Јановски, претставник на канцеларијата на УСАИД во РСМ кој имаше свое обраќање на настанот истакна дека американската влада подржува централни и локални напори да се зајакне транспарентноста и отчетните механизми кои ќе се борат против корупцијата, а воедно и ќе го зајакнат прогресот на државата.

„Американската влада ја подржува и има високи очекувања за државата како НАТО сојузник и демократски партнер во регионот, особено во борбата против корупцијата. Истражувањата покажаа дека 80 отсто од македонците веруваат дека во последните 10 години корупцијата се има значително зголемено, а тоа го докажува и перцепцијата на Транспаренси интернешнл“, посочи Јановски.

Тој ја поздрави работата на Фондација Метаморфозис и рече дека е од клучно значење бидејќи гради мостови помеѓу граѓанското општество и институциите што покажува како треба да се работи за прогрес.

Според Маја Лазарова, национален програмски офисер на ОБСЕ во земјава, индексите на отвореност ќе се подобрат само ако целото општество вложи заеднички напори. Таа посочи дека транспарентноста е една од клучните принципи на демократското општество, а за отвореноста рече дека е поширок концепт на создавање на институционална култура на рецептивност кон нови идеи, луѓе, искуства итн.

„Интервенциите за подобрување на отвореноста и транспарентноста на нашите институции од јавниот сектор не треба да ги гледаме како изолирани напори туку треба заеднички координиран напор на сите нас, значители чинители во земјата вклучувајќи ги и државните институции и граѓанското општество и меѓународните организации. Само на тој начин можеме да изградиме таа посакувана сингергија и да постигнеме заеднички резултати односно издржливо решение во кус времески период, кое ќе биде важно на долг рок“ изјави Лазарова.

Националниот координатор за одговорно владеење и транспарентност, Роберт Поповски пак, ги потенцираше досегашните реализирани активности на Владата меѓу кои алатката за финансиска отченост и алатката за отворени податоци, како едни од најпозитивните активности на актуелната власт.

„Од овој, но и од претходните индекси за отвореност можеме да бидеме и задоволни, но и незадоволни. Задоволството е од последно место успеавме за кратко време да го делиме првото место во регионот во одност на транспарентност на Владата и нејзините институции. Она од што можеме да бидеме незадоволни е тоа што се уште има многу работа, и за жал, ковид кризата не спречи да бидеме поефикасни во текот на минатата и оваа година, особено кога целиот фокус на енергијата е во спасувањето на човечки животи“ рече Поповски.

Наталија Шикова, декан на Правниот факултет при Меѓународниот Балкански Универзитет изјави дека е неопходно пореално и посамокритично да се гледа на целата ситуација, имајќи предвид дека кога станува збор за индекс на отворено, улога игра целиот систем, а не поединечни сектори.

„Сама по себе отвореноста ништо не значи. Мора да се разгледа во една поширока ситуација, зошто постои и која е нејзината цел. Имаме отвореност, транспарентност, отчетност, праведност, еднаквост, консултации, учество, ефективни правила, конзинстентност, кохерентност, почитување на владеење на правото, етичност. Сите овие се елементи на отворена влада, која што пак е пристапна, респонзивна и транспарентна“ рече таа и додаде дека институциите треба да бидат одговорни кон граѓаните, но и граѓаните да ги „држат“ отчетни институциите и да можат активно да се вклучат во процесот на креирањето јавни политики, бидејќи тоа е целта на доброто управување.

Целосното истражување може да се погледне на овој линк.