Од скопската железничка станица годинава поаѓаат најмал број на патнички возови кон дестинациите во земјава и странство. Со само 16 поаѓања во едно деноноќие, урнат е рекордот на најмал број на патнички возови што поаѓале од главната железничка станица во земјава. Слична ситуација имало во 2005 година, но во тој период пругите кон Кичево и Кочани биле затворени за патнички железнички сообраќај.

Рекордно нискиот број на патнички возови од Скопје доаѓа по укинувањето на експресниот воз Скопје – Битола – Скопје, кој не сообраќа од август минатата година. Експресниот воз кон Белград и Солун годинава сообраќаше само во текот на летните месеци, додека од Скопје кон Кичево и Кочани цела година има само по еден патнички воз дневно.

Благодарејќи на лошиот возен ред, бројот на патници во изминативе години опаѓа заедно со намалувањето на бројката на возови. Поради тоа што сообраќаат премалку возови и ги нема во различни периоди од денот, граѓаните го одбегнуваат возот како превозно средство. Како резултат на тоа, во изминативе три години е забележан историски најмал број на превезени патници од страна на железницата.

Погледнато низ годините наназад, најмногу возови од скопската железничка станица, вкупно 41 дневно, имало во 1983 година. По осамостојувањето, бројот на возови забрзано опаѓал, првенствено поради фактот што биле укинати меѓународните линии. Паралелно со ова, Железници на РСМ – Транспорт го намали и бројот на возови кон домашните дестинации – Велес, Куманово, Кичево, Битола, Гевгелија и Кочани.

Благо зголемување на бројот на патнички возови е забележано во периодот од 2009 до 2016 година, а по овој период повторно доаѓа до укинување на железничките линии од скопската железничка станица.