Фото: Бојан Блажевски

За да има видливо подобрување на квалитетот на воздухот во Скопје во период од 2 до 3 години, потребни се храбри и сеопфатни активности за решавање на проблемот со аерозагадувањето, а не минорни средства во буџетите што се издвојуваат секоја година за оваа намена. Приоритет треба да биде намалувањето на загадувањето со ПМ честички, и тоа оние што се најопасни ПМ-1, ПМ-2.5, а потоа и ПМ-10, велат граѓанските активисти и еколошките здруженија што ги контактираше „Мета.мк“, откако периодов објавивме два текста во кои се следи аерозагадувањето на воздухот во Скопје во периодот од декември 2020 до март 2021 година.

Од граѓанската „О2 Иницијатива“ за „Мета.мк“ велат дека Скопјани дишат воздух кој е опасен по здравјето, а со години нијансите во тоа дали одредена година или месец имало подобрување зависат од метеролошките услови.

„Реагиравме дека анализите на градските власти во однос на подобрувањето не се целосни доколку не се вклучат и овие параметри: ветер, негова брзина и правец, притисок, влажност и температура на воздухот, количина на врнежи, снег, но и резултати од сите мерни станици во континуитет за одреден временски период за кој се даваат анализите“, посочуваат тие.

Од „О2 Иницијатива“ велат дека нема задоволително подобрување на квалитетот на воздухот во Скопје, со самиот податок дека границата за максимални 35 дена во тек на цела година, денови со надминат просек над дозволената граница – 50 микрограми/м3 за ПМ-10 честички, во Скопје ја надминуваме со првите неколку месеци во секоја година.

„Според податоците од Март 2021 објавени од извештаите на Министерството за животна средина и просторно планирање имаме надминато 43 дена за Центар (но податоци од др. мерна станица Ректорат нема за цел месец), за Лисиче веќе е надмината границата со 53 дена, Гази Баба има надминување од 37 дена, но има денови кога немало податоци“, велат од „О2 Иницијатива“.

Еко-активистот Горјан Јовановски и креатор на апликацијата „Мој воздух“ вели дека метеоролошките услови, а последниве две години и ковид-19 пандемијата, имале влијание врз аерозагадувањето и бројките, иако овие фактори често не се наоѓаат во извештаите и објавите на градските и државните власти.

„Без да ја гледаме целата слика, не е возможно да знаеме дали навистина имаме подобрување во квалитетот на воздухот“, вели Горјан Јовановски, дополнувајќи дека за да се утврди дали имало зголемување или намалување на аерозагадувањето на воздухот во Скопје треба да се почека годишниот просек, и да се направат споредби.

Сепак, на веб-страницата за квалитетот на воздухот на Министерството за животна средина и просторно планирање до денешен ден не е објавен Годишниот извештај за 2020 година, иако се наоѓаме на крајот на април 2021 година. На неа се достапни единствено дневните и месечните извештаи за изминатиов период, во однос на резултатите за квалитетот на воздухот што ги обезбедуваат мерните станици.

„Имаме лош пристап каде што забораваме дека постои загадување во летните месеци, и повторно нè „изненадува“ кога ќе дојде октомври. Субвенциите за замена на штетни грејни тела на домаќинствата ги поздравувам, но верувам дека инспектори од најзагадените општини мора да одат врата до врата, и да инсистираат да сопствениците ги искористат. Не треба тоа да е доброволно, туку ако нема трошок на домаќинствата, да е задолжително со закон“, истакнува за „Мета.мк“ Горјан Јовановски.

И тој, но и од „О2 Иницијатива“, додаваат дека борбата против ПМ честичките треба да ни е прва на ум, а како најопасни ги истакнуваат најситните ПМ честички, кои Скопјани ги вдишуваат и навлегуваат во различни органи, пренесени преку белите дробови во крвотокот.

Од „Еко-свест“ во изјава за „Мета.мк“ велат дека со споредба на мерењата од 2017 година, наспроти 2020 и 2021 година, може да се увиди напредок и позитивно придвижување со загадувањето на воздухот, бидејќи бројот со екстремно високо загадување, кое е многу пати над граничните вредности, се намалува. Во реалноста, споредбите меѓу минатата и оваа зимска сезона покажуваат дека разликата е многу занемарлива.

Како и да е, „Еко-свест“ посочува дека во следењето на квалитетот на воздухот има многу простор за подобрување, бидејќи мерните инструменти често не функционираат, а од друга страна пак, годинава имаме податоци за ПМ-2.5 честички од четири мерни станици во Скопје, наспроти минатогодишните две.

„Околу типот на загадување, за жал, имаме многу малку мерења што не се ПМ честички, и иако за сега тие велат дека другите загадувачи се под контрола, не знаеме со сигурност зошто тие сензори се бројат на прсти. Мора итно да се надогради државната мониторинг мрежа со повеќе сензори за NO2, CO, SO2 и O3, и на постоечките, и на нови локации, доколку навистина сакаме да знаеме што дишеме“, вели Горјан Јовановски.

Од „Еко-свест“ пак додаваат дека проблемот мора да продолжи да се решава со интерсекторска соработка и со сеопфатна стратегија, во чија изработка ќе бидат вклучени сите релевантни институции и граѓаните.

Тие велат дека постои солиден напредок на замената на неефикасно и загадувачко загревање на домаќинствата, особено со последниот повик преку УНДП каде што за прв пат се таргетирани ранливи групи како приоритетни за субвенционирање.

„Градот и општините мораат многу поактивно да работат на дестимулација на автомобилски сообраќај преку проширување и унапредување на просторот за немоторизирано движење низ градот“, посочуваат од „Еко-свест“.

За централната власт, пак, велат дека мора поактивно да се вклучи во контролирање на индустриските капацитети и мора да се посвети повеќе внимание и на помошните капацитети на индустриите затоа што оџаците не се единствен извор на загадување.

„Периодов треба да се поработи и на подигнување на капацитетите на инспекторатите за да се овозможат зачестени инспекциски надзори“, додаваат од „Еко-свест“.

Од „О2 Иницијатива“ велат дека има подобрување околу зголемената свесност кај граѓаните во однос на проблемот со аерозагадувањето, додека единствено во Државниот инспекторат за животна средина гледаат дека има подобрување со зголемениот број на спроведени инспекции.

„Очекуваме конечно вистински акционен план каде навистина ќе одредат што треба да се направи за да се доведат вредностите на ПМ2.5 и ПМ 10 во дозволените граници за 2 до 3 години. Со точно зададени рокови, одговорни лица и колку ќе чини“, посочуваат од „О2 Иницијатива“, алудирајќи на локалните избори кои ќе се одржат наесен, а со тоа тие веруваат дека повторно овој проблем ќе биде застапен во програмите на политичките партии.