fbpx

За да го намали загадувањето, Град Скопје ќе ги следи препораките од државниот кризен штаб

-

Започна намалувањето на вонредните мерки со кои се ограничи движењето на граѓаните, кои беа воведени со цел да се спречи ширењето на корона вирусот. Со забавување на човековите активности што и штетат на Земјата се намали загадувањето. Тоа го покажуваат и последните податоци за намалувањето на присуството на ПМ-2,5, ПМ-10 честичките и азотниот двооксид во скопскиот воздух во текот на април 2020 година. Имено, намалената фрекфенција на скопските улици довела токму и до намалување на овие честички.

Но, дали и какви активности ќе преземат властите да не дојде до повторното зголемено загадување. Од Град Скопје за „Мета.мк“ велат дека јавниот превоз се организира согласно препораките на насоките од државниот кризен штаб, а како што ќе се менуваат состојбите на терен и препораките од надлежните институции, така ќе се адаптира и возниот ред и делувањето на учесниците во јавниот превоз во Скопје.

Оттаму потсетуваат дека во наредниот период треба да пристигнат 33 нови еколошки автобуси за потребите на ЈСП-Скопје, како и за субвенциите за граѓаните за набавка на велосипеди и електрични тротинети.

Градските власти го потенцираат подобрувањето на условите за користење на велосипед преку инвестирање во реконструкција на постоечката и изградба на нова вело инфраструктура, и како што велат, градот отсекогаш го промовирал велосипедизмот како алтернативно сообраќајно средство.

„Овие неколку години изградени се велосипедски патеки на локации каде тоа се прави на сметка на автомобилскиот сообраќај, каде истата се изведува на самите коловозни ленти и истите се ограничени со столпчиња, а тоа досега е изведено на бул. Свети Климент Охридски, бул. Кочо Рацин, Московска… и оваа пракса ќе продолжи на сите локации каде ќе се појави потреба и условите ќе го дозволат тоа“ – уверуваат од Град Скопје.

Следејќи ги европските и светските примери, пред еден месец, неформалните здруженија „НаТочак“ и „Одржливи иницијативи“ испратија отворено писмо до државните институции од кои бараат надлежните да постапат по нивните барања во однос на иницијативата #АнтиПросторКорона. Тие бараат да им се отстапи повеќе простор на пешаците и велосипедистите, посочувајќи на фактот дека немоторизираното движење придонесува за намалување на загадениот воздух.

Досега, неформалните здруженија како што велат, се во комуникација со Општина Бутел, Центар и Карпош. Надлежните оттаму генерално искажуваат поддршка кон нивната иницијатива, но сакаат координиран пристап во адресирање на потребите кои ги бара „новото нормално“ со коронавирусот.

– За жал, засега од Град Скопје немаме добиено одговор, ниту ни вратиле на нашето барање за видео средба. Од Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Коронавирус Ковид-19 при Владата само нѐ информираа дека го препратиле до други јавни институции, од кои засега одговор има само од Министерството за животна средина и просторно планирање, додека се чека на одговор од Министерство за здравство, Министерство за транспорт и врски и од Град Скопје – изјавија од „НаТочак“ и „Одржливи иницијативи“ за „Мета.мк“.

Од Град Скопје со кус одговор по однос на прашањето на „Мета.мк“, дали воопшто е разгледана иницијативата и кои мерки ќе ги преземе градот.

– Градот Скопје ги анализира добиените предлози од иницијативата, кои решенија се прифатливи, како и кои можат да се реализираат на терен – изјавија од Град Скопје.

Досега, неколку европски и светски метрополи го променија уличниот простор за автомобили, со цел да овозможи повеќе простор за велосипедизам и прошетки.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

За три години нема ниту една пресуда за предизвикување шумски пожар

Никој во последниве години не одговарал и не бил осуден за кривичното дело „предизвикување шумски пожар“. Мета.мк ги побара податоците од Кривичниот суд за тоа колку пресуди биле донесени...