Иако од 2021 година има законска обврска, државата преку институциите не oтворила кризни центри за долготрајна помош на жени што биле силувани, беше истакнато денеска од претставнички на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство чии претставнички одржаа брифинг со новинарки. Такви кризни центри треба да отвори Министерството за здравство, но бидејќи тоа не се случило во изминатите 5 години, Националната мрежа ќе поднесе претставка до Комисијата за спречување дискриминација.
„Необезбедувањето на ваква специјализирана услуга која најмногу ги засега девојчињата и жените, е дискриминација согласно праксата на Европскиот суд за човекови права. Во Македонија од 2020 до 2024 година имало 455 жртви на сексуално насилство од кои 90 проценти биле девојчиња. Затоа ќе бараме Министерството за здравство најитно да ја воспостави оваа услуга и да формира мрежа која ќе дава поддршка и ќе направи правилник за цена на чинење на оваа услуга“, истакна адвокатката Неда Чаловска.
Во Националната мрежа изготвиле анализа за трошоци за специјализирани услуги за жртви на родово базирано и семејно насилство, која беше презентирана денеска пред новинарките. Таа покажала дека не се издвојуваат воопшто пари за да профункционира сето тоа што Македонија се има обврзано дека ќе го испорача како сервис согласно Истанбулската конвенција и согласно домашното законодавство.
На брифингот беше истакнато и дека освен што нема кризни центри, нема ниту 24 засолништа (шелтери), 8 советувалишта, а и националната СОС линија се финансира со малку пари добиени од игри на среќа и од општински пари. Анализата покажала дека кога Македонија би ги нудела сите нормални услуги за жртвите на семејно и родово насилство, тогаш годишно би требало да издвојува 0,1 процент од државниот буџет.
Елена Димушевска, директорката на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство кажа дека анализата покажува како во следните 3 години може да се воспостави систем за поддршка на жртвите, но за тоа се потребни по 6,5 милиони евра секоја година.
„Шелтер центарот треба да обезбеди итно сместување и физичка безбедност на жртвата во ризик и да спречи бездомништво. Таа треба да добие сместување, храна, хигиена, образование за децата, психолошка помош, економско јакнење. Она што е клучно кај нашите шелтер центри што работат сега, наводно тие се на тајна локација, но сите знаат каде се наоѓаат. Нивната единствена цел сега е да ја осигураат нејзината физичка безбедност. Но, поради тоа што се на тајна локација, жените не смеат да ги напуштаат. Што значи дека не можат да одат на работа, може да ја загубат работата. Бегајќи од насилство жените ја губат економската независност“, рече Димушева.
