fbpx

За бугарските работи на македонскиот пат кон ЕУ

Анализа за „Порталб.мк“ од Малинка Ристевска, Јорданова, Институт за европска политика

-

Деновиве една од главните теми во јавноста е Меморандумот на бугарската влада. Никој скоро и да не се прашува каков е тој документ, но насловот е звучен, па почнаа дури да се бараат официјални реакции од типот на декларации на Собранието и слично.

Автор: Малинка Ристевска Јорданова

Документот е всушност „Објаснувачки меморандум“, посоодветно преведуван и како „образложение“. Тоа е всушност појаснување на ставовите на претходно поднесените бугарски докуметни во поглед на пристапувањето на Северна Македонија. Основниот документ што Меморандумот цели да го образложи е објавената Рамковна позиција на Бугарија поднесена до државите членки на ЕУ во октомври минатата година, кога требаше да се донесе одлуката за почеток на преговорите со нашат држава.

Да се потсетиме, оваа позиција беше со огромно мнозинство потврдена со Декларација на Бугарскиот парламент. Во него Бугарија поставува низа услови за првата и втората меѓувладина конференција, кои, всушност се фактичкиот почеток на преговорите.

Овие услови, според бугарскиот став, произлегуваат од Договорот за пријателство и добрососедство меѓу двете земји. Во март, Бугарија ги повтори ставовите со изјава, која беше приложена кон Заклучоците од Советот на ЕУ од март 2020 година.

Бугарските барања во Рамковната позиција од октомври 2019 година се главно врзани со идентитетски прашања и прашања на толкувањето на историјата. Како што покажува исцрпната анализа на Институтот за европска политика од јуни 2020 година, условите кои ги постави Бугарија всушност се нивно, еднострано и искривено толкување на Договорот за пријателство и добрососедство меѓу двете земји. Натаму, повеќе барања се спротивни на Преспанскиот договор (како што е на пример користењето на „македонски јазик“ со објаснувачка фуснота, користење само на терминот „Република Северна Македонија“) како и на правото на Унијата и меѓународните стандарди.

Клучната намена на Рамковната позиција на Бугарија е нејзините барања да влезат во Преговарачката рамка на ЕУ за Северна Македонија, а особено во поглавјето „35. Други прашања“ да влезе спроведувањето на билатералниот договор за добрососедство и пријателство меѓу двете земји. Со тоа Бугарија, низ процесот на нашето пристапување, со одобрување на сите држави членки, би ги реализирала своите барања, кои би требало да произлегуваат од нејзините интереси.

Сепак, бугарските барања не најдоа свое место ниту во Заклучоците на Советот од март 2020 година, ниту во Предлог-преговарачката рамка која Европската комисија ја поднесе до државите членки на 1 јули 2020 година. Сега постапката ја води Советот на ЕУ – односно претседавачот овие шест месеци – Германија. Официјалните германски претставници повеќепати повторија дека за билатералните спорови нема место во преговорите, а во последно време – дека не е во интерес на Бугарија да го блокира процесот на проширување кон Западниот Балкан.

Бугарските ставови не наидуваат на симпатии и одобрување од државите членки и засега Бугарија останува изолирана во поглед на барањата кон Северна Македонија. Во ситуација на отсуство на поддршка од другите држави членки, веројатно ценејќи дека треба дополнително да ги образложи своите ставови, Бугарија во интерната процедура во Советот на ЕУ, го доставува споменатиот Меморандум или образложение до другите држави членки.

Во него, злоупотребувајќи ја позицијата на држава членка, бугарската влада наведува низа неаргументирани тврдења и толкувања на историјата, негирајќи го целоснo македонскиот идентитет. Ваквите ставови предизвикуваат гласни реакции во македонската јавност, но наидуваат и на чудење во релевантните кругови во ЕУ. Зашто, и евентуалната блокада што Бугарија би ја поставила, носи не мала цена за неа како членка на ЕУ, од која се очекува конструктивна улога во остварувањето на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

За нас сега е многу поважно да бидеме мудри и Бугарија да остане без поддршка од другите членки на ЕУ, одошто да пукаме со гласни топови на погрешен терен, зашто главниот терен на игра не е билатерален – туку е ЕУ.

Сепак, не можеме да не признаеме досегашниот тек на работите околу Преговарачката рамка е успех и на нашата дипломатија – постигнат на потешкиот и потивок, па макар и спореден терен. Не смееме да го изгубиме тешко вратениот кредибилитет меѓу државите членки на ЕУ, а истовремено мораме да ги одбраниме клучните државни интереси.

Веројатно е дека во претстојниов непосреден период, државите членки ќе се обидат со убедување и на Бугарија и на Северна Македонија, фактички да го откочат процесот на спроведување на Договорот на пријателство и добрососедство – барем работата на Заедничката комисија за историски прашања, особено имајќи предвид дека двете земји се оваа година ко-претседавачи на Берлинскиот процес. Оттука, актуелно прашање во следниов период станува дали Бугарија, цврсто опстојувајќи на своите ставови, ќе може и сака да ја поднесе цената на изолираност во надворешната политика на Унијата и, доколку сепак покаже флексибилност, која е прифатливата формула за двете држави за откочување на билатералниот дијалог.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Германската тајна служба: Со Кина не треба да бидеме наивни

Германската домашна разузнавачка служба (BfV) ги предупреди компаниите да бидат претпазливи кога имаат работа со авторитарни странски влади, како што е Кина, пренесе германската новинска агенција ДПА. Германските компании, на...