Изработката на физибилити студијата за изводливоста од воведување на брзиот автобуски систем (БРТ) во Скопје, како и изготвувањето на целокупната проектна документација, ќе бара подолг временски период пред реалното воведување на новото средство за јавен превоз во главниот град. Владата го задолжи Министерството за финансии да ја започне постапката за прибирање средства за изработка на физибилити студијата, како и за можните опции за финансирање на проектот за „автобуско метро“.

Никола Крстаноски, професор по јавен градски превоз на Техничкиот факултет од Битола, за „Мета.мк“ вели дека за изработка на физибилити студијата и проектната документација за воведување на БРТ во Скопје ќе бидат потребни најмалку три години – под идеални услови на работа.

– Дури и веќе да има изработено физибилити студија и сообраќаен и главен проект, и да се обезбедени пари, реализацијата би подразбирала обемна работа на терен – реконструкција на сите раскрсници по должина на трасата, промена на профилот на сообраќајниците, проектирање на стојалиштата – станиците, прилагодување и тестирање на софтверот за управување на сообраќајот и т.н. – посочува Крстаноски.

Тој нагласува дека Градот Скопје досега има изработено поприлично добра документација за трамвајските линии, но не е запознаен дека во изминатиов период имало изготвен некаков документ за брзиот автобуски систем. Од друга страна, вели тој, БРТ може да се сфати и како прва фаза од воведувањето на брз трамвај во Скопје. Кога еднаш ќе биде обезбедена независна, физички одвоена траса и ќе бидат изградени стојалиштата за идните автобуси, за воведување на трамвајот единствено ќе биде потребно да се постават шини на трасата.

Она што во моментов му е потребно на Скопје, посочува професорот Крстаноски, не се само две или три линии на брз капацитативен јавен превоз, туку редизајнирање на целата мрежа на линии во градско-приградскиот транспорт. За квалитетен проект за оптимизирање на мрежата на линии треба да се работи најмалку две години, а влезната база на податоци е анкета со примерок на барем 20.000 семејства во Скопје.

Од Град Скопје за „Мета.мк“ информираат дека тие подготвиле детални податоци за состојбата и потребите на јавниот превоз, а ваквите информации биле и предмет на анализа на Економскиот совет при Владата. За донесената одлука за изборот на брзиот автобуски систем (БРТ) како ново превозно средство допрва ќе ги образложат деталите.

– Повеќе информации од технички карактер, на јавноста ќе ѝ бидат презентирани во наредниот период. Во однос на самата реализација, тешко е да се дадат некакви временски рамки – посочуваат од Град Скопје.

Градските власти нагласуваат дека сите финални одлуки и договори за финансирање на воведувањето на БРТ во Скопје ќе мораат да поминат како посебен закон за задолжување во националното собрание, но тоа би се случило по одржувањето на парламентарните избори во април догодина.