Неколку банки во земјава (НЛБ Банка, Комерцијална банка, Стопанска банка Скопје, УНИ Банка и Халк банка) ги објавија понудите за промена на кредитните услови за граѓаните согласно новите законски прописи кои имаат за цел да се амортизира ударот од кризата предизвикана од корона вирусот.

Заедничко за сите нив е што каматите на дадените кредити продолжуваат да течат и за време на периодот на одложување на исплата на месечните рати на кредитите, што значи дека по завршување на таканаречениот грејс-период долгот на граѓаните ќе биде зголемен за износот на каматите.

Најновите податоци на Народната банка за движењата кај каматните стапки на банките и штедилниците откриваат дека банките чија основна дејност е да бидат посредници меѓу штедачите и кредитокорисниците бараат многу поголеми камати за кредитите отколку што даваат за депозитите(штедните влогови).

Просечната каматна стапка на вкупните кредити на домаќинствата изнесувала 5,67 отсто во февруари, што претставува пад од 0,02 процетни поени на месечно ниво.

„Месечниот пад е резултат на надолната промена кај сите нејзини компоненти, и тоа: намалувањето на каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,04 процентни поени) и каматните стапки на денарските кредити со и без валутна клаузула (по 0,03 процентни поени, соодветно). На годишно ниво, каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата е пониска за 0,35 процентни поени), соопшти Народната банка.

Оттаму додаваат дека просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата, во февруари, забележала пораст од 0,04 процентни поени на месечна основа и изнесува 4,95 отсто.

Од друга страна, во февруари годинава, просечната каматна стапка на вкупните депозити на домаќинствата изнесува 1,15 отсто, што претставува месечен пад од 0,02 процентни поени.

„Притоа, падот се должи на намалувањето на каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула и каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,02 процетни поени, соодветно), при непроменети каматни стапки на денарските депозити со валутна клаузула. На годишна основа, просечната каматна стапка на вкупните депозити на домаќинствата бележи пад за 0,23 процентни поени“, информираат од Народната банка.

Просечната каматна стапка на новопримените депозити на домаќинствата во февруари е зголемена за 0,12 процентни поени на месечна основа и изнесува 1,19 отсто.