Јавното претпријатие за државни патишта ќе ги догради 10-тината сервисни патишта и клучката кај Свети Николе на автопатот Миладиновци – Штип. Градежната фирмата „Гранит“ од Скопје е избрана за изведувач на работите за докомплетирање на овој автопат, кои не биле претходно влезени во проектот по кој кинескиот изведувач „Синохидро“ ја градеше оваа делница. Сервисните патишта ќе му олеснат на локалното население, кое со нив ќе може да се поврзе со автопатот или со најблиските локалитети околу него. Ќе се реши прашањето и со цевките на Водостопанството за наводнување на полето, а со овој тендер ќе се доградат и спојниците на клучката кај Свети Николе.

Како што се наведува во објавениот договор на Електронскиот систем за јавни набавки, на изведувачот ќе му се исплатат над 353 милиони денари (5,7 милиони евра) за докомплетирање на градежните работи на автопатот Миладиновци – Штип. Притоа, изведбата на планираните сервисни патишта во наредниот период нема да го прекине одвивање на сообраќајот на овој автопат, но на местата каде што ќе се гради ќе има времен режим на сообраќај.

Покрај овој тендер, за автопатот Миладиновци – Штип е распишан и дополнителен тендер за изградба на двете патарини „Кадрифаково“ и „Преод“. Доставувањето на понудите на објавениот тендер е во тек, а очекувањата на Европската банка за обнова и развој се изведбата на патарините да отпочне од 1 октомври годинава, по изборот на најповолен понудувач.

Автопатот Миладиновци – Штип беше свечено пуштен во употреба на 6 јули годинава, а граѓаните почнаа да ја користат делницата долга 47 километри еден месец претходно. Вкупната инвестиција за изградбата на овој автопат изнесуваше 177,3 милиони евра.