За само 48 часа, Основниот кривичен суд Скопје ја информираше јавноста за исходите во три високопрофилни предмети поврзани со поранешни носители на власта, владејачката партија, влијателна медиумска фигура од времето на режимот на Никола Груевски и поранешната раководителка на најважната институција за спречување на корупцијата.
На 14 јули судот го ослободи поранешниот премиер и бегалец од правдата Никола Груевски во предметот „Талир 2“ и го одби барањето за конфискација на имотот на ВМРО-ДПМНЕ. Истиот ден поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска, доби условна казна од една година затвор за одавање службена тајна и компјутерски фалсификат.
Денеска, 16 јули, судот соопшти дека завршил и предметот „Тотал“ против новинарот и поранешен уредник на ТВ Сител, Драган Павловиќ-Латас, и три правни лица.
Сепак, одлуката за „Тотал“ не е донесена денеска. Судот дури денеска ја извести јавноста за веќе правосилна пресуда донесена претходно.
Според Кривичниот суд обвинителот целосно се откажал од „Тотал“
Според Кривичниот суд, обвинението против Латас и трите правни лица било одбиено откако надлежниот јавен обвинител во завршниот збор целосно се откажал од обвинителниот акт.
Тоа значи дека не станува збор за ослободителна пресуда со која судот оценил дека обвинетите не го сториле делото, туку за пресуда со која обвинението било одбиено откако обвинителот се откажал од понатамошно гонење.
„На последното рочиште, надлежниот јавен обвинител, во завршен збор, се откажа од понатамошно гонење на обвинетите“, се наведува во соопштението.
Во постапката, започната во октомври 2017 година, за даночно затајување беа обвинети Латас како физичко лице и три правни лица од Скопје. Според судот, предметот неколкупати почнувал од почеток поради промена на надлежноста на јавниот обвинител и негово префрлање од едно во друго обвинителство.
Обвинителот, имајќи ги предвид наводите во вештиот наод и мислењето, најпрво го изменил обвинителниот акт. Потоа утврдил дека кај две од обвинетите правни лица не биле исполнети елементите што го сочинуваат законскиот опис на кривичното дело даночно затајување.
За третото правно лице и за Латас, пак, во меѓувреме настапила апсолутна застареност на кривичното гонење. Поради тоа, обвинителот се откажал од обвинението во целост, а судот донел пресуда со која тоа се одбива.
Во соопштението има и неусогласеност околу датумот на пресудата. Во првиот дел се наведува дека пресудата била донесена на 27 мај 2026 година, додека на крајот се вели дека „пресудата од 25.06.2026 година е правосилна“. Судот не објаснува дали станува збор за техничка грешка или за два различни процесни датуми.
Веќе биле изготвени и решенијата за трошоците на странките, а пресудата треба да биде објавена на веб-страницата на судот откако ќе биде анонимизирана.
Според Основното јавно обвинителство, пак, по наредба на Основниот кривичен суд Скопје било извршено ново супервештачење и на расправата која се одржала уште на 27 мај според исказите на вештаците било утврдено дека даночното затајување било пониско од првично наведеното во тужбата.
„.. износот на даночното затајување од значителен беше намален во поголем и согласно тоа не ги исполни елементите на кривичното дело од ставот 2, односно мораше да биде преквалификуван во ставот 1 од членот 279 – Даночно затајување“, соопштија од ОЈО. Според нив, новата обвинителка која го води случајот, Марија Џабирова Велков, поради новото супервештачење морала на самото рочиште да изврши преквалификација на обвинението, „а со самото тоа настапи и апсолутна застареност од 15.03.2024 година“. Според достапните информации, Џабирова Велков го презема случајот Тотал откако новиот државен обвинител Ненад Савески ги повлече сите претходно дадени овластувања за постапување и застапување меѓу јавните обвинителства.
За што беше обвинет Латас?
Предметот „Тотал“ го отвори поранешното Специјално јавно обвинителство во 2017 година. Латас и компаниите „Тотал маркетинг“, „Медиамакс“ и „Тотал медиа центар“ беа обвинети за даночно затајување.
Според првичното обвинение, Латас во периодот од 2008 до 2015 година, заедно со правните лица, со намера да избегне плаќање данок, во завршните сметки и даночните пријави внесувал лажни податоци.
Како што објави Мета.мк во 2018 година, според обвинението, правните лица го оштетиле Буџетот за околу 121.000 евра, додека Латас како физичко лице бил обвинет дека избегнал плаќање данок во износ од околу 63.000 евра.
Постапката беше проследена со повеќе одложувања и повторни почетоци. Во февруари 2018 година едно од рочиштата беше одложено бидејќи Латас не се појави во судот поради семејни причини. Во септември 2019 година судењето повторно беше одложено, тогаш поради отсуство на член на судечкиот совет, а предметот сè уште се наоѓаше во доказна постапка.
Сега, речиси девет години по поднесувањето на обвинението и по неговото префрлање меѓу обвинителствата, постапката заврши без утврдување кривична одговорност. За Латас и едно од правните лица настапила апсолутна застареност, додека за другите две компании обвинителот оценил дека не биле исполнети законските елементи на делото.
По денешното соопштение, од СДСМ обвинија дека ослободувањето на Груевски и откажувањето од обвинението против Латас покажуваат оти премиерот Христијан Мицкоски управува со Обвинителството и правосудството.
Белата палата се враќа во целосно владение на ВМРО-ДПМНЕ
Два дена пред соопштението за „Тотал“, судијката Даниела Алексовска-Стојановска донесе ослободителна пресуда за бегалецот од правдата, Никола Груевски во повтореното судење за „Талир 2“.
Груевски беше обвинет за пречекорување на службените овластувања и противправно финансирање на изградбата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје. Постапката против поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, претходно беше запрена поради апсолутна застареност.
Со пресудата судот го одби и предлогот на обвинителството за конфискација на имотот на ВМРО-ДПМНЕ, вклучувајќи го и партиското седиште познато како Белата палата. Пресудата не е правосилна и против неа може да биде поднесена жалба, но не е јасно дали обвинителството ќе се жали на ваквата одлука.
Кривичниот суд образложи дека измените на Кривичниот законик од 2023 година суштински го измениле законскиот опис на делото. „Искористувањето на службената положба“ било декриминализирано, а во изменетото обвинение било заменето со „пречекорување на овластувањата и неизвршување на службената должност“, при што како посебен елемент била додадена и намерата.
Судот оцени дека обвинителството со непроменетите докази не докажало надвор од разумно сомневање дека Груевски го сторил вака изменетото кривично дело. Истовремено нагласи дека анализата на доказите и утврдените факти останале непроменети во однос на првата постапка, во која Груевски беше осуден на шест години затвор.
Поранешната обвинителка Ленче Ристоска, која го започна и седум и пол години го застапуваше предметот, реагираше дека истиот доказен материјал довел до два спротивни исходи.
Таа смета дека дел од изменетото обвинение не бил адресиран во јавното образложение на судот и дека предметот ѝ бил одземен за да се избегне конфискацијата на имотот на ВМРО-ДПМНЕ.
Ристоска предупреди и дека предметот во август влегува во завршната фаза на застареност, поради што Апелацискиот суд би имал многу малку време мериторно да одлучи по евентуална жалба.
Премиерот Мицкоски, пак, изјави дека правдата конечно е задоволена во делот што се однесува на ВМРО-ДПМНЕ. Ослободувањето на Груевски го припиша на измените на Кривичниот законик донесени од СДСМ и ДУИ во 2023 година, а предметите „Талир 1“ и „Талир 2“ ги нарече политички прогон врз партијата.
Условна казна за поранешната претседателка на ДКСК
Истиот ден кога беше објавена пресудата за „Талир 2“, Кривичниот суд ја прогласи за виновна поранешната претседателка на ДКСК, Татјана Димитровска.
Таа доби единствена условна казна од една година затвор за кривичните дела одавање службена тајна и компјутерски фалсификат. Казната нема да биде извршена доколку во рок од три години од правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело.
Според пресудата, Димитровска преку апликациите „Вибер“ и „Ватсап“ му правела достапни службени податоци на друго обвинето лице. Информациите се однесувале на предмети на ДКСК, постапки против физички и правни лица, набавката на мазут за ТЕЦ Неготино и проверка на имотот на обвинетото лице и неговото семејство.
Судот утврдил и дека Димитровска му испратила на друго лице корисничко име и лозинка за да го полага во нејзино име тестот за класифицирани информации. Врз основа на така добиениот сертификат, подоцна ѝ бил издаден безбедносен сертификат за пристап до информации со највисокиот степен на класификација, односно „државна тајна“.
Во истиот предмет, Миле Столевски доби условна казна од шест месеци затвор, која нема да се изврши ако во рок од две години не стори ново кривично дело. Третообвинетата Билјана Петровска-Мантева беше ослободена од обвинението.
Судот како отежнителна околност го ценел тоа што Димитровска ги сторила делата од позиција на претседателка на ДКСК – институција задолжена за заштита на државата од корупција и системско беззаконие. Според образложението, со нејзиното постапување бил компромитиран институционалниот кредибилитет на Комисијата и била нарушена довербата на граѓаните во борбата против корупцијата.
Пресудата за Димитровска не е правосилна и странките имаат право на жалба пред Апелацискиот суд Скопје.
Трите предмети имаат различни фактички и правни основи и завршија со три различни исходи: одбиено обвинение по откажување на обвинителот и настапена застареност во „Тотал“, ослободителна пресуда и одбиена конфискација во „Талир 2“ и условна осуда за поранешната претседателка на ДКСК.
Заедничко е што станува збор за предмети од исклучително висок јавен интерес, поврзани со лица, политички партии и институции што во различни периоди се наоѓале во центрите на политичката и институционалната моќ. Нивното објавување во интервал од само два дена повторно ги отвора прашањата за долготрајноста на судските постапки, застарувањето, последиците од измените на Кривичниот законик и одговорноста на обвинителството за исходот на предметите.
