За 25 отсто зголемен бројот на кривични дела при семејно насилство

Во 90 отсто од вкупниот број случаи, насилниците биле од машки пол, а жртви, во истиот процент, биле жени

Во првите девет месеци од оваа година, бројот на кривични дела сторени при семејно насилство е зголемен за 25 отсто во однос на регистрираните случаи во истиот период минатата година, соопшти министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, во своето обраќање по повод промоцијата на националната кампања, која е во рамки на глобалните 16 дена активизам, насловен „Orange your neighbourhood“, посветени на Меѓународниот ден на спречување на насилството врз жените.

Според статистиката што ја презентираше Јанкулоска, во првите девет месеци од оваа година полицијата регистрирала 635 кривични дела, додека лани бројката изнесувала 507. Од нив, најголемиот дел, или речиси две третини, се кривични дела телесна повреда. Во 90 отсто од вкупниот број случаи, насилниците биле од машки пол, а жртви, во истиот процент, биле жени.

– Без сеопфатна и не само системска, туку поширока и постојана граѓанска и јавна партиципација, не е можно успешно спротивставување и анулирање ниту на семејното насилство, ниту, генерално, на насилството и на неговите, без исклучок, секогаш трауматични и болни последици – рече министерката Јанкулоска.

Поплаки за семејно насилство од јануари до септември годинава се повеќе од 3.200, што е зголемување поголемо од 36 проценти во споредба со истиот период минатата година, посочи Јанкулоска.

Најголем број од поплаките се поради психичко малтретирање на жртвата, а потоа следат оние за физичко малтретирање и, на крајот, поплаки за малтретирање на жртвата од економски побуди.