Во периодот од 28 декември 2020 година до 3 јануари 2021 година, од страна на седумте инспекциските служби се спроведени вкупно 5.718 надзори и контроли, по основ на почитување на здравствените протоколи и материјалните закони, беше истакнато на денешната прес-конференција на претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска.

„Податоците од надзорите на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, покажуваат дека во овој период споредено со претходните надзори (од 20 до 27 декември) за 20 отсто е намален бројот на издадени решенија за изолација на лица заболени од коронавирус и на лица кои биле во контакт со заболени лица. Исто така, во делот на контролите што ги спроведува Државниот пазарен инспекторат, регистрирано е намалување на бројот на затворени објекти. Споредбено со периодот од 21 до 27 декември (кога беа затворени 13 угостителски објекти), бројот на затворени угостителски објекти е намален за повеќе од 60 отсто,“ изјави Филиповска-Грашкоска.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат во периодот од 28 декември до 3 јануари изврши 74 надзори, врз основа на кои изрекол шест решенија.

„При тоа, овој инспекторат во посочениот период издаде вкупно 4.576 решенија за изолација и домашно лекување на лица позитивни на Ковид-19 и лица кои биле во контакт со заболени лица од ковид-19. Анализирајќи ги бројките на издадени решенија за самоизолација, се уште продолжува трендот на намалување, односно во однос на периодот од 20 до 27 декември (кога беа издадени 6.576 решенија), во текот на минатата недела се издадени 20 отсто помалку решенија за самоизолација,“ додаде Филиповска-Грашкоска.