Еуростандард банка | Фото: Арбнора Мемети

Физичките и правните лица треба да бидат спокојни затоа што за 20 дена ќе почне процедурата за нивно обештетување, односно ќе им бидат исплатени осигурените депозити што ги имале во Еуростандард банката, која од денеска, по одлука на НБРМ, престанува со работа и оди во стечај. Тоа го гарантираат Народната банка на Северна Македонија, Фондот за осигурување на депозити, ФОД, и Агенцијата за супервизија на осигурување, АСО, кои денеска излегоа со објаснувања во врска со натамошните постапки и права на клиентите, а согласно Законот за банки и Законот за Фондот за осигурување на депозити.

„Не постои никаков ризик дека отворањето на стечајна постапка на Еуростандард банка ќе влијае на исполнувањето на обврските на друштвата за осигурување кои произлегуваат од договорите за осигурување ниту пак ќе се одрази суштински на профитабилноста и солвентноста на друштвата за осигурување“, соопштија од АСО.

Според последните податоци, вкупната актива на осигурителниот сектор изнесува 26,4 милијарди денари, него го сочинуваат сочинуваат 16 друштва за осигурување, а само четири имаат парични средства и депозити во Еуростандард банка, со вкупна вредност од 31 милион денари, што е 0,1 отсто од вкупната вредност на активата на осигурителниот сектор.

„Вкупната вредност на средствата кои осигурениците ги уплатиле по основ на премии во друштва за осигурување на 30 јуни 2020 година изнесува 14.742.452.987 денари. Во депозити во банки и парични средства на сметки се 4.691.078.198 денари или 32 отсто од вкупната вредност, а од овој износ Еуростандард банка има учество од 0,5 отсто“, информираа од АСО.

ФОД ги извести сите физички лица – депоненти на Еуростандард банка дека обесштетувањето по основ на вкупните депозити ќе започне во рок од 20 дена и ќе се изврши во согласност со законските прописи.

„Фондот ги обесштетува осигурените депозити, но не повеќе од 30.000 евра по депозит, во денарска противредност, по средниот курс на Народната банка од 12 август 2020 година. Предмет на обесштетување се главнината на депозитот, договорената пресметана и припишана камата и непристигнатата камата до 12 август 2020 година. Во случај кога депонентот има обврски кон банката, вкупниот износ на депозити што се предмет на обесштетување се намалува за износот на неговите вкупни обврски кон банката“, соопштија од Фондот и нагласија дека ќе ги известат депонентите-физичките лица за датумот на почетокот на исплатата и за називот на банките преку која ќе се врши врши исплатата на депозитите. Секоја сума на депозити која преминува 30.000 евра, ќе се исплатува дополнително од стечајната маса.

„Вкупниот износ на депозитите на физички лица кои ќе бидат обесштетени изнесува околу 4,4 милијарди денари или 99,4 од штедачите. ФОД располага со доволен обем на средства и исплатата на депозитите ќе се спроведе навремено“, се вели во неговото соопштение.

Народната банка на Северна Македонија денеска ги објави и сите важни, детални информации за физичките и за правните лица кои биле клиенти на Еуростандард банка. НБРМ вчера ја донесе одлуката за одземање на дозволата за работа на Еуростандард банка поради неисполнување минимални законски услови за работење. Според гувернерката Анита Ангеловска- Бежоска тоа нема да ја доведе во прашање стабилноста на банкарскиот систем затоа што банката зафаќа само 1,3 отсто од активата на банкарскиот систем, а депозитите на штедачите ќе бидат исплатени во рамки на законските рокови. Денеска НБРМ најави дека ќе достави предлог до надлежниот суд за отворање стечајна постапка.

Во врска со одлуката за затворање на Банката, сопственикот на Еуростандард банка, Трифун Костовски, за в петок најави прес-конференција заедно со акционерите на банката.