За 19 јуни одложено судењето против Стефан Лазаров и Драган Павловиќ – Латас

Спорниот поткаст на Јутјуб каналот на Стефан Лазаров предизвика жестоки реакции во јавноста, при што реагираше Хелсиншкиот комитет за човекови права, како и повеќе невладини организации и здруженија

фото: принтскрин / видео од каналот „LAZAROV“ на Јутјуб

Судењето против новинарот Драган Павловиќ – Латас и јутјуберот Стефан Лазаров, е одложено за 19 јуни бидејќи одбраната побарала да им се достават во целост доказите со кои располага oбвинителството. Двајцата се обвинети за кривичното дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“.

На 21 февруари, Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе обвинителен предлог против Павловиќ и Лазаров поради ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем. Јавното обвинителство информираше дека двајцата обвинети преку компјутерски систем ширеле расистичка и ксенофобична репрезентација на идеја која промовира насилство спрема жени, со што предизвикале реакции и чувство на згрозеност и вознемиреност во јавноста.

„Првиот обвинет, гостувајќи во интервју објавено на 14 февруари како поткаст на Јутјуб канал на вториот обвинет, јавно промовирал чин на полово насилство, евоцирајќи спомени од неговото наводно минато, без да изнесе морална осуда или каење, со тоа свесно промовирајќи го таквото насилничко однесување. Вториот обвинет, иако бил свесен за влијанието што го има содржината што ја емитува особено меѓу младата популација, сепак не го спречил или прекинал соговорникот, туку дополнително го наведувал со коментари и потпрашања да го прераскажува спорниот настан“, беше наведено во соопштението на Обвинителството.

Одложено судењето на Латас и Лазаров за случајот со спорниот поткаст

За кривичното дело Ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем е предвидена казна затвор од една до пет години, а обвинителството информираше дека Министерството за внатрешни работи (МВР) го обезбедил поткастот и целокупниот доказен материјал кој го потврдува делото.

Спорниот поткаст на Јутјуб каналот на Стефан Лазаров предизвика жестоки реакции во јавноста, при што реагираше Хелсиншкиот комитет за човекови права, како и повеќе невладини организации и здруженија.