Фото: duma.gov.ru / Wikimedia commons

Претседателот на Србија Александар Вучиќ најави дека сите кои ја примиле вакцината против ковид-19, како и оние кои ќе се вакцинираат, ќе добијат од државата парична награда од 3.000 динари (околу 25 евра). Вучиќ во утринската емисија на ТВ Пинк, изјави дека оваа награда е за сите вакцинирани на возраст над 16 години, со една или со две дози, како и сите оние кои ќе бидат вакцинирани со најмалку една доза до 31 мај. Одлуката се очекува да ја донесе владата, а целта е да се наградат луѓето кои покажале одговорност и истовремено да се поттикнат другите да се вакцинираат.

„Размислувавме како да ги наградиме луѓето кои покажаа одговорност и решивме да дадеме дополнителни финансиски средства за оние кои се вакцинирани. Сакаме да постигнеме колективен имунитет со цел да се посветиме на работата“, рече Вучиќ, додавајќи дека истовремено, не би можело да се донесат дискриминаторски мерки за оние кои не сакаат да се вакцинираат.

Според Вучиќ, државата има пари затоа што има висока стапка на раст, а вакцинирањето е неопходно за да можат да функционира економијата.

Од почетокот на пандемијата до сега во Србија со ковид-19 се регистрирани 694.473 случаи, а официјално починале 6,456 лица. Во последните 24 часа се регистрирани 1.304 нови случаи, а како последица на болеста починале 24 пациенти.