Второто полугодие ќе започне на 1 февруари со физичко присуство, учебната година ќе заврши во редовниот термин

Фото: МОН

Наставата во основното и средното образование ќе продолжи со физичко присуство на учениците на 1 февруари. Така одлучи вчера Владата на седмата редовна седница врз основа на мислењето на Комисијата за заразни болести и согласно препораките на УНИЦЕФ, истовремено повикувајќи на доследно придржување и спроведувањето на протоколите за одржување настава со физичко присуство.

„Ги имаме предвид и повиците од УНИЦЕФ, кое е за физичко присуство на настава, а и ние сите, и наставниот кадар, свесни сме за придобивките од физичкото присуство. И според податоците, во првото полугодие, имавме многу мал број на заразени деца. Нашата одлука ќе беше лесна ако ја имавме истата варијанта од вирусот како што беше во септември и октомври. Сега има нова варијанта, но и тоа не значи дека почетокот на второто полугодие со физичко присуство ќе го зголеми бројот на заразени“, изјави вчера министерот за обарзование и наука Јетон Шаќири во пресрет на одлуката на Владата.

Комисијата за заразни болести претходно препорача со почнувањето на второто полугодие од учебната 2021–2022 година, наставата да се одвива со физичко присуство за сите ученици во основно и средно образование со доследно почитување на превентивните мерки и протоколи.

Претходно со одлуката на Владата на 17 јануари, поради влошената епидемиoлошка состојба и проценката дека земјата се наоѓа во врвот од новиот ковид бран, зимскиот распуст на учениците што завршуваше на 20 јануари, беше продолжен до 1 февруари.

По Одлуката за продолжениот зимски распуст за околу 255 илјади ученици Владата го утврди и бројот на наставни денови во вонредни околности со кои учебната 2021/2022 година ќе заврши во редовниот термин – 10 јуни 2022. Со одлуката се овозможува соодветна адаптација на наставните програми со цел запазување на датумот 10 јуни како краен рок за завршување на учебната година.